Во Владата се одржува настан по повод буџетската поддршка од 80 милиони евра од Европската унија за справување со енергетската кризата, на кој се обрати премиерот Димитар Ковачевски и евроамбасадорот Дејвид Гир.
-Особено задоволство ми е кога ветеното се реализира и има резултат. Во криза се важни пријателите, а ЕУ докажа дека има слух за нашите барања – да ни помогне кога беше најпотребно, рече Ковачевски.
Како што напомена премиерот, грантот е веќе достапен и овие средства се поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка за малите и средните претрпијатија, за одржување на нивниот бизнис, како и за инвестиции на државата во енергетската транзиција, во обновливите извори и во енергетската ефикасност.
Во октомври лани, потсети премиерот, кога претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен беше во посета на нашата држава, порача дека ЕУ ќе биде покрај Северна Македонија и дека заедно ќе ги надминеме предизвиците од кризата.