ЕУ додаде уште 48 лица и 35 субјекти на листата на санкционирани поради руската агресија врз Украина

by Fokus

Советот за надворешни работи на ЕУ во рамки на денеска усвоениот 16-ти пакет на рестриктивни мерки поради руската агресија врз Украина, донесе одлука на листата на санкционирани да бидат додадени уште 48 поединци и 35 субјекти одговорни за активности со кои се поткопува или загрозува територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на украинската држава.

– Со денешната одлука за санкционирање на неколку индустриски компании кои произведуваат оружје, муниција и друга воена опрема и технологии, се одржува притисокот врз руската војска и одбрана. Како дел од напорите на ЕУ за разбивање на мрежите на „флотата во сенка“, Советот, исто така, воведе целосни санкции за три субјекти кои транспортираат руска нафта и нафтени деривати и обезбедуваат значителни приходи за Владата на Русија, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Дополнително, со санкции се опфаќаат и актери одговорни за заобиколување на санкциите на ЕУ кон Русија, вклучително и преку трети земји.

– Првпат, Советот одлучи да ја санкционира и размената на криптовалутата Гарантекс, која е тесно поврзана со руските банки кои се под санкции на ЕУ, се потенцира во соопштението.

Покрај кон руски, воведени се санкции и кон поединци и субјекти од трети земји, кои „директно ги поддржуваат руските воени напори“. Така, на листата на санкционирани се најдоа и една кинеска фирма специјализирана за изработка на сателитски снимки и нејзиниот прв човек, како и двајца високи функционери на севернокорејската Армија.

– Одговорот на руската пропаганда, исто така, останува приоритет. Покрај озлогласените руски пропагандисти, ЕУ сега ги санкционира и „НузФонт“ и „СаутФронт“, две изданија кои пренесуваат искривени толкувања на историјата и манипулираат со информации согласно пораките на Кремљ и ја таргетираат европската и светската публика со искривени и манипулирани информации, се додава во соопштението.

Покрај ова, санкции се воведени и кон бизнисмени од рускиот рударски и енергетски сектор, политичари и активисти од териториите на Украина под руска контрола, лица вклучени во масовните киднапирања, илегални превоспитувања, депортации и принудни префрлања на украински деца од окупираните територии во Русија, како и кон јавни личности, вклучително и еден поранешен украински политичар кој работи во интерес на Москва.

Со новододадените, на листата на ЕУ на санкционирани поради активности се кои се поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина сега се наоѓаат над 2400 поединци и субјекти.

Ним им е замрзнат на имотот во ЕУ, а на граѓани и компании од Унијата им е забрането да им ставаат средства на располагање. Физичките лица дополнително подлежат на забрана за патување во ЕУ, со што им се оневозможува да влезат или транзитираат низ териториите на земјите членки на Унијата.

 

Поврзани новости