ЕУ: Добри вести за Македонија на Самитот во Трст во среда

by fokus

Македонија ја чека добра вест во однос на одобрување проекти на претстојниот Самит на шесте балкански држави со Европската унија во Трст, кој е посветен на Западниот Балкан, во рамки на Берлинскиот процес започнат пред три години на иницијатива на Сојузна Република Германија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, висок претставник на Унијата кој инсистира на анонимност, денеска потврди дека Брисел ќе одобри голем дел од 100 милиони евра за кои претходната македонска влада аплицираше во рамки на Берлинскиот процес за подобрување на инфраструктурната мрежа во земјата.

„Ќе има добра вест за вашата земја. Секоја година се одобруваат проекти, а логиката за нив се согледува преку созреаноста на проектите, што финансиските институции го бараат. Втор критериум, пак е тој дека треба да се има реформи во земјата, бидејќи не може да се бараат пари од ЕУ ако претходно не се заврши домашната задача. И сите овие инвестиции бараат капацитет и одржливост, па на крајот се определува сумата. Годинава, четири земји аплицираа за проекти кои поминаа и се надевам дека сите ќе добијат нешто, вклучително и Македонија“, истакна високиот претставник на ЕУ за МИА.

Исто така, позитивен исчекор се очекува и следниот вторник, на 18-ти јули, кога по една година одложување, ќе се случи Советот за стаблизација и асоцијација на Еворпската унија со Македонија, чие одржување доби „зелено светло“ од страна на сите змеји-членки на Унијата.

„Агендата за Советот е сериозна и има големи очекувања. Колективно, сите ЕУ-земји се согласија да се оди напред со Скопје, а индивидуално ќе видиме како ќе се однесуваат. Скопје денес праќа вистински сигнали до соседите и до регионот и ќе видиме следниот вторник како ќе се одрази сето тоа“, додава високиот претставник на официјален Брисел.

До Самитот на шесте балкански држави што во среда ќе се одржи во Трст, Европската унија ќе ја претставуваат високата претставничка Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и еврокомесарката за транспорт Виолета Булц, а земјите од Западен Балкан ќе ги претставуваат премиерите и владини делегации, при што македонската се очекува да биде предводена од премиерот Зоран Заев, а во чиј состав се очекува да бидат и министрите Кочо Анѓушев, Бујар Османи, Никола Димитров, Горан Сугарески и Крешник Бектеши.

Како што за МИА денеска истакна високиот претставник на Унијата, од овој Самит се очекува да донесе позитивен притисок за интересот на ЕУ во регионот, но и за интеграцискиот процес на Западниот Балкан во Унијата. Овој Самит во Трст следува по ланскиот во Париз, како и претходно во Виена, а се започна во Берлин и се смета за интересен процес каде што се обединети сите шест балкански држави (Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина).

 

Поврзани новости