Пред зградата на Европската комисија (ЕК) во Софија се одржа најавениот протест за поддршка на претепаниот охриѓанец, Христијан Пендиков, на кој демонстрантите побараа напаѓачите да бидат казнети и веднаш да се прекинат преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
Организатори на протестот беа од клубот „Родољубие“ и тој беше најавен како граѓански, но како што пренесува БНТ, на него присуствувале претставници на различни политички формации.
Меѓу нив беше и лидерот на ултранационалистичката партија „Преродба“, Костадин Костадинов, кој рече дека ќе го почека до вторник сослушувањето на министерот за надворешни работи Николај Милков во парламентот, за потоа да процени какви мерки може да се побараат на политичко ниво.
Европратеникот на бугарската ВМРО, Ангел Џамбаски, пак, пренесува националната бугарска телевизија, ги доставил своите барања до сите европски институции за веднаш да се прекинат пристапните преговори со Северна Македонија.
Агенцијата БГНЕС јавува дека освен пред зградата на ЕК во Софија, демонстрантите се упатиле и кон зградата на Македонскиот културен центар каде однеле црвени рози. Тие избраа црвени рози, пишува новинската агенција, бидејќи од една страна ја симболизираат непотребно пролеаната крв, а од друга се симбол на љубов.
Претепаниот охриѓанец, кој се декларира како Бугарин, вчера со владин авион на Бугарија беше пренесен на лекување во Софија.
Покрај острите реакции од бугарските политичари, бугарското МНР достави и протестна нота до амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеса Руси Поповска. Осуда за инцидентот искажа и државниот врв во Скопје, а охридското Јавно обвинителство синоќа соопшти дека отворило истрага против едно лице.