Европската комисија денеска соопшти дека разгледува итно одобрување на вакцини против Ковид-19 како побрза алтернатива на построгите условни одобренија какви што се спроведени досега.
Таквиот потег значи голем пресврт во одобрувањето на вакцините, бидејќи тоа вклучува процедура која ЕУ ја сметаше за опасна, а пред пандемијата на Ковид-19 беше резервирана само за исклучително национално одобрување на лекови за неизлечиво болни пациенти, вклучително и лекување на рак.
Потенцијалните промени доаѓаат во момент кога ЕК и европскиот регулатор за лекови се под зголемен притисок поради „бавното одобрување на вакцините“, што придонесе за побавно воведување на вакцините против Ковид-19 во Унијата од 27 земји, во споредба со САД и поранешната земја-членка на ЕУ, Велика Британија.
– Подготвени сме да ги разгледаме со земјите-членки сите можни начини и навистина да го забрзаме одобрувањето на вакцините, изјави портпарол на ЕК на прес-конференција.
Според него, „една од можностите може да биде итно одобрување на вакцините на ниво на ЕУ со заедничка одговорност меѓу земјите-членки“, додавајќи дека тоа може да се случи многу брзо доколку владите на ЕУ ја поддржат идејата.
– Сè уште не е познато дали процесот на итно одобрување на ниво на цела ЕУ, доколку биде договорен, ги подразбира истите услови како и итните одобренија издадени на национално ниво, истакна портпарол на Комисијата.
Европската агенција за лекови (ЕМА) моментно не може да издаде итни одобренија.