Европската унија синоќа ги повика сите политички актери во Црна Гора итно да преземат активности за да се обезбеди функционирање на Уставниот суд и да се укинат измените на Законот за претседател.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, истакна дека од витално значење е сите во Црна Гора да покажат максимална воздржаност и да се воздржат од понатамошни провокативни дејства. Таа изјави дека Црна Гора пропуштила уште една можност да именува членови на Уставниот суд и да стави крај на институционалната криза.
„Целосно функционален Уставен суд составен од компетентни членови е клучот за Црна Гора да ги заштити основните права на своите граѓани и да напредува на европскиот пат“, напиша таа на Твитер.
Амбасадата на САД во Подгорица повика на итно враќање на мирниот и конструктивен дискурс.
„Ги повикуваме сите црногорски лидери и граѓани да ги продолжат разговорите и да најдат мирни решенија за политичките проблеми“, објави Амбасадата на својот профил на Твитер.