Во Подгорица денеска е мирно по инцидентите за време на протестот поради одлуката на парламентарното мнозинство да ги одобри спорните измени на Законот за претседател, а европските претставници и амбасадорите на западните земји ги повикуваат политичарите да ги деблокираат институциите и да го повлечат спорениот акт.
Граѓаните со поддршка од опозицијата бараат предвремени избори и најавија блокади на патиштата во повеќе градови, како и нов протест в сабота на 17 декември во Подгорица. Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји денеска ги повика „политичките актери итно да преземат мерки за да се обезбеди функционалност на Уставниот суд“ и да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија.
– ЕУ поддржува сите политички актери да преземат итни мерки за да се обезбеди функционалност на Уставниот суд. За да продолжи на својот пат кон Европската Унија, Црна Гора треба да ги почитува одлуките на Венецијанската комисија, напиша Вархеји на Твитер.
ЕУ претходно повика на повлекување на Законот за претседател и ги повика сите политички чинители „да покажат максимална воздржаност и да се воздржат од натамошни провокативни дејствија“.
Слични пораки имаа и амбасадорите на Германија и на Велика Британија, додека Американската амбасада ги покани „сите црногорски лидери и граѓани да продолжат со разговорите и да најдат мирни решенија за политичките проблеми“.
Собранието вчера не ги избра судиите на Уставниот суд, кој е блокиран од средината на септември ниту во вториот круг. Со гласовите на парламентарното мнозинство ги усвои измените на Законот за претседател и покрај негативното мислење на Венецијанската комисија.