ЕУ алармира да се внимава на руска дезинформација за ковид19

by Fokus

Службата на ЕУ за борба против дезинформации констатира дека руските и проруските медиуми шират лажни информации за коронавирусот, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Проруски медиуми пишуваат, меѓу другото, дека Ковид-19 “не е поопасен од сезонскиот грип„ и конструираат теории на заговор дека зад него се крие “расизам“ (кон Италијанци, Кинези, итн), или пак дека “цивилизациите“ ќе бидат уништени.

Други проруски медиуми, најчесто на англиски јазик, шират лаги дека Ковид-19 е всушност “биолошко оружје“ на САД. Во други изданија се пишува дека е биолошко оружје на Британците, а некогаш, пак, на “опозицијата во Белорусија„.

Секако не се поштедени ниту теориите на заговор за фармацевтската индустрија „за да се зголеми продажбата“ на лекови.

Тимовите на ЕУ кои се посветени на анализа на руската дезинформација објаснуваат дека целта на Кремљ е да се рашири конфузијата и збунетоста кај луѓето за да се дискредитираат традиционалните и домашните медиуми и структури.

-Информацијата во авторитарна држава или организација има целосно различна функција отколку во демократско општество. Во демократскиот дискурс, изјава може и ќе биде доведена во прашање. Став ќе се доведе во прашање. Критиката и несогласувањата се срцето на демократијата. Во авторитарно општество, секоја изјава е акт на лојалност, лојалност кон лидерот, каузата, брендот, идеологијата, верувањето. Без разлика дали ставот е базиран на факти и е или не е релевантен. Да се доведе ставот во прашање значи да се доведе лидерот, каузата, брендот во прашање, пишува во анализата на ЕУ.

Според Фајненшл Тајмс, внатрешен извештај на ЕУ институциите, Кремљ изградил целосна кампања на дезинформации поврзани за пандемијата на Ковид-19, токму со истата цел – да се сее страв, конфузија и недоверба во системот, нешто што е посебно ефикасно во време кога луѓето се чувствуваат ранливи. 

Поврзани новости