Во моментов нема „итна потреба“ за дополнителна доза вакцина против Ковид-19 кај општата популација, потврди синоќа Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).
Во техничката белешка ЕЦДЦ препорачува дополнителни дози или „засилувачи“ за луѓе со ослабен имунолошки систем, во согласност со ставот на СЗО.
„Според сегашните сознанија, нема итна потреба да се администрираат дополнителни дози за целосно вакцинирани лица“, се вели во соопштението на ЕЦДЦ, додавајќи дека „приоритет е да се вакцинираат оние кои не ја завршиле вакцинацијата“.
Но, „дополнителните дози за луѓе со сериозно ослабен имунолошки систем треба да се земат предвид како дел од нивната вакцинација доколку не постигнале доволно ниво на заштита“, додаде европската агенција со седиште во Стокхолм, во која има претставници на околу 30 земји, вклучително и 27 членки на ЕУ.
На 18 август, Светската здравствена организација (СЗО) го критикуваше брзањето на богатите земји за третата доза на вакцината против ковид, нагласувајќи дека досегашните научни податоци не укажуваат дека има таква потреба.
– Давањето трета доза сега би било како да се додаде „спасувачки елек за луѓето што веќе го имаат, додека другите да се удават без и најмал елек за спасување, појасни директорот за итни случаи при СЗО Мајк Рајан.
Во контекст на ширењето на делта варијантата, неколку земји одлучија или размислуваат за дополнителни дози, најчесто за луѓе со кревко здравје, но и за целата популација.
„Сите вакцини одобрени во ЕУ штитат од хоспитализација и тешки форми на Ковид-19, додека секое трето лице на возраст над 18 години се уште не е целосно вакцинирано“, нагласува ЕЦДЦ.