По формирањето после конфликтот во 2001 година, со исклучок на периодот 2006-2008, ДУИ на Али Ахмети непрекинато беше дел од власта се до последните парламентарни избори годинава, по кои победникот ВМРО-ДПМНЕ одлучи да формира парламентарно мнозинство и влада со ВЛЕН и со уште еден „помал“ партнер – ЗНАМ.
Откако се пресели во опозиција, ДУИ почна да ја напаѓа Владата дека е нелегитимна, бидејќи, според нив, премиерот Христијан Мицкоски одлучил да коалицира со ВЛЕН, иако оваа коалиција на неколку албански партии освои помалку гласови од конкурентскиот Европски фронт, предводен токму од „интегративците“.
Додека од коалицијата ВЛЕН тврдат дека имаат легитимитет кај албанските гласачи, притоа посочувајќи дека Европскиот фронт е мултиетничка коалиција составена плус од турски, ромски и бошњачки партии, од ДУИ велат дека тие ем се победник кај Албанците, ем го контролираат мнозинството на сите немнозински заедници, односно т.н. Бадентерово мнозинство.
(ИНТЕРВЈУ) Гаши: Владата има легитимитет, ДУИ нема потенцијал за дестабилизација!
Тргнувајќи од оваа позиција, еден од првите чекори на „интегративците“ како опозиционери беше да нарачаат платформа за почитување на легитимитетот од страна на странски експерт. Станува збор за Пол Вилијамс од САД, кого ДУИ го претстави како еден од творците на Рамковниот договор, но всушност се испостави дека бил вклучен како советник на тогашниот лидер на ДПА Арбен Џафери.
Како и да е, Вилијамс веќе ја изработил оваа платформа, врз основа на која, како што информираше потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за надворешни работи Бујар Османи, домашни експерти моментално изготвуваат конкретни законски решенија, односно нови законски членови со цел „легализирање на легитимитетот“.
–Кога ние се бориме за легализирање на легитимитет, утре тоа може да оди на штета на ДУИ, зашто ДУИ може ќе има еден глас помалку и ДУИ ќе нема право да ги претставува Албанците со глас помалку. Ова не е прашање на ДУИ, туку на механизмите за заштита на немнозинските заедници.
Платформата е објавена и сега се преработува во конкретно законско решение, домашни експерти сега се вклучени кои се обидуваат тоа да го предложат во еден, неколку члена каде треба да има интервенција, за овој принцип на почитување на волјата на немнозинските заедници, заради механизмите на заштита коишто ги воведува Рамковниот договор – рече Османи на Канал 5.
Притоа, тој откри и некои сегменти од оваа платформа за легитимитет изработена од Вилијамс по нарачка од ДУИ. Имено, во неа се преземени одредени искуства од Северна Ирска и Белгија, кои, според Османи, не претставуваат од негативни искуства од федерации, туку од модерни држави.
–Зошто Пол Вилијамс зема од Северна Ирска? Северна Ирска има еден закон, според кој 30 од 90 пратеници можат било кој закон да го стават во категорија што бара двојно гласање. Дури и за Законот за абортус не можат да се договорат католици и протестанти, како се поделени, гласале и го ставиле во принципот на двојно гласање.
Зошто Пол Вилијамс ја цитира и Белгија, и тоа еден дел од нивниот модел? Кога не можат да се договорат пратениците за некое решение, се суспендира законот додека челниците на етничките заедници не најдат решение за тоа прашање – вели Османи.
Според него, барањето на ДУИ е да се почитуваат заштитните механизми за заедниците предвидени со Рамковниот договор. Фактот што има Бадентерово мнозинство, истакнува тој, укажува дека политичкото мнозинство (политичкото обично е и владино мнозинство) треба да го сочинува мнозинството на немнозинските заедници.
–Не зборуваме само за Влада, бидејќи политичкото мнзинство не се сведува само на министри. Политичкото мнозинство согласно Бандетер мора да го сочинува мнозинството од немнозинските заедници, а мнозинство е Европскиот фронт во ова Собрание. Значи основниот принцип не е почитуван.
Второ, Амандманот 6 од Уставот вели правична и пропорционална застапеност на заедниците, тука не зборува само за бројки. Правичност значи јас да имам право да избирам кој ќе ме претставува, а ние вие да бирате кој ќе ме претставува мене – вели потпретседателот на ДУИ, кој беше и кандидат за претседател на државата.
Со оглед дека тој откри одредени детали од т.н. платформа за легитимитет, која сега се преточува во конкретни предлози за законски интервенции, го прашавме Османи дали би сакал да откри повеќе информации, но досега не добивме никаков одговор.
Неодамна, еден од лидерите во Европскиот фронт, Зијадин Села, во интервју за „Фокус“ ја спомена платформата на Вилијамс, но и тој одби да изнесе детали, со образложение дека сакал да биде коректен. Како што кажа, кога ќе имале нешто за јавно да соопштат, тоа ќе го стореле преку Фронтот.
–Тоа треба да биде кауза на Европскиот фронт – рече Села, според кого не „победник со победник“, туку „мандатар со победник“ треба да биде правилото врз основа на кое ќе се формира влада, и тоа, како што истакнува, како стартно решение за да се почитува легитимитетот.
Во тој контекст, и Села спомена примери од други држави, посочувајќи дека има искуства со загарантирани места за сите етнички заедници. Ако се одбере тој модел, според него, Албанците треба да имаат загарантирани места од 30 отсто од вкупниот број на пратеници.
–Прво треба да се одреди што мислат политичките партии за Албанците – дали се мнозинство или малцинство? Дали тезата за население, кое е автохтоно и кое е некаде 30 отсто или може повеќе од вкупниот број на населението може да го сметаш како малцинство? Која е дефиницијата за малцинство?
Сакам да ја разработам тезата во што навлегуваме, не сакајќи да зборуваме на овие теми и потоа ни се случува крах во системот. Ако не ја почитуваш волјата на една третина од вкупното население, си дал најголем придонес за тоа што денес секој ден слушаме изјави и по прес-конференции за сценарија за дестабилизација.
Во суштина, кој го прави тоа? Го прави владата. Тоа што го има најавено Мицкоски, дава политички наредби за да донесат одлуки, иницијативи во Уставен суд. Газиш пред легитимитетот на втората по големина етничка заедница и ти си создаваш таква ситуација.
Затоа, јас ја поставив тезата дека не може да се смета како малцинство население, кое во случајов е албанско, кое е над 30 отсто. И на тој начин, ако сметаат дека треба да бидеме малцинство, тогаш да го отвориме поглавјето на малцинствата.
Малцинствата заслужуваат да имаат гарантирани места. Ако зборуваме за гарантирани места, за Албанците треба да имаш гарантирани места од 30 отсто од вкупниот број пратеници. И плус да конкурираат во заедничката листа и Албанците ќе имаат 50 пратеници – рече Села.
Влатко Стојановски