Во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, а во блиска соработка со Асоцијацијата на
професорите по наставниот предмет Етика во религиите, беше организирана Панел дискусија
на тема „Новата реалност во училиштата – создавање можности со иновации и дигитални
решенија“.
На панел дискусијата беше забележано огромно присуство на православни и исламски теолози – професори кои го предаваат овој изборен предмет во училиштата на нашата земја. Проектот инициран од Фондацијата Конрад Аденауер, имаше за цел одново да го актуализира прашањето во јавниот дискурс за потребата и придобивките од верското образование во основните училишта на Република Македонија, односно според зборовите на коосновачот и координатор на Асоцијацијата, монахињата Ефимија, сè потешкиот предизвик истото да опстане во училиштата на нашата земја.
Од особена важност за нас е тоа што повторно се отвора една ваква јавна дискусија по однос на значењето и опстанокот на предметот Етика во религии во системот на македонското образование, во смисла на негово институционално препознавање и заштита среде она што кај нас во последно време е популарно како Концепција за основно образование“, изјави таа во своето обраќање.
На Панел дискусијата, свое учество зедоа и Директорот на Комисијата за односи со верските
заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, еминентниот професор на Правниот
факултет Јустинијан Први, Александар Спасеновски, претседателот на Асоцијацијата на
професори по Етика во религии, отец Бобан Митевски, како и директорот за настава во ПЕГАСУС ЕЛС, Перица Сарџоски, кој пак, понуди нови дигитални решенија со цел зголемување на интеракцијата и подобрување на наставата на професорите по предметот Етика
во религиите.
Овој настан е навистина позитивна можност да потсетиме за значењето, кое предметот Етика во религиите го имаше досега во образовниот систем во државата, но и да ги акцентираме нашите поенти зошто сметаме дека неговиот статус треба да се заштити, но и да се унапреди. Како општество, во различни сегменти имаме евидентни проблеми-предизвици, коишто во оној елементарен период на градење и подигање на личноста на младите се многу важни да бидат надминати и превенирани.
Многу е важно во новата Концепција за основно образование да биде внесен овој предмет, како би овозможиле отворена можност на младиот човек да запознава, да учи, но и да се оплеменува, зашто ние можеме да му понудиме сувопарни знаења од различни области, но доколку тоа не го надополниме и со едни вредносни вертикали, сѐ ќе биде залудно. Неколку години овој предмет е достапен како изборен предмет во образованието, а искуството покажа дека за него многу се заинтересирани и родителите и учениците. И покрај безбројните предизвици тој да биде апстрахиран, да не биде дадена можност во секое училиште да биде дел од анкетираните предмети итн., сепак постоеше една голема заинтересираност.
Гледајќи ги потребите на државата, а со тоа и на општеството, цениме дека треба да му биде обезбеден најмалку досегашниот статус, но потребно е и да се размислува во одредено одделение тој да се унапреди како задолжителен предмет, бидејќи тоа многу ќе значи во подигањето на личноста на младиот човек, односно на нашето општество, кое е мултикултурно и се соочува со налетот на новите, современи предизвици, коишто и цела Западна Европа ги чувствува на своја кожа. Нам ни е потребно, на општеството му е потребно, а исто така, потребно е да се реши и унапреди статусот и на наставниците кои го предаваат овој предмет, но пред сѐ на општеството и на државата, порача Сотировски.
Проф. д-р Александар Спасеновски, истакна дека изучувањето на верското образование во јавниот образовен систем претставува еден од поважните чекори коишто ги има направено Македонија, бидејќи наоѓа на една општа оправданост, а тоа го покажуваат анкетите, од страна на родителите и секако од страна на децата – учениците кои го изучуваат овој предмет.
Но, од март 2021 година, кога беше издадена новата Концепција за основно образование, можеме да забележиме едни негативни трендови, поврзани со истиснувањето на изучувањето на предметот Етика во религиите од јавниот образовен систем, за сметка на некои други предмети, со што на некој начин не се излегува во пресрет на очекувањата на родителите, кои во огромно мнозинство сакаат нивните деца да го изучуваат овој предмет. И во таа смисла, сметам дека
наидуваме на една нова пречка, и тоа го потврдуваат присутните на овој денешен важен настан – професорите по предметот Етика во религиите. А тоа е молкот од страна на институциите, од страна на државата од 2021 година до денес, во однос на легитимните стравувања на професорите по Етика во религиите, по однос на нивните работни места.
Од една страна, како резултат на Концепцијата, се деградира статусот на овој предмет, бидејќи во таа концепција зборот „етика“ и зборот „религија“ не е споменат ниту еднаш, што упатува на заклучокот дека постојат легитимни стравови истиот да се укине или пак, да се сведе на таква мера за да го нема оној статус којшто го има денес. Со тоа се прави една штета врз општеството, заради тоа што децата, граѓаните сакаат да го изучуваат. Но од друга страна постои друг објективен проблем: во овој момент има повеќе од 100 професори по Етика во религиите, кои им предаваат на учениците во училиштата низ државата.
Значи, повеќе од сто македонски семејства секојдневно се соочуваат со неизвесност по однос на нивната судбина. А причина за сето тоа е долгогодишниот молк од страна на институциите на државната власт во однос на легитимните апели на професорите по предметот Етика во религиите. Тие се должни да знаат каква е судбината на нивниот предмет, а Владата пак, е должна да одговори и да води дијалог со нив.
Во таа смисла, сметам дека е најважно, како апел којшто произлегува од оваа Конференција, да се генерира нов оптимизам. Да се генерира еден нов дијалог помеѓу Асоцијацијата на професорите по Етика во религиите, како од областа на православната религија, така и од областа на исламот, кои во еден отворен пријателски и искрен дијалог со Владата на оваа држава, ќе успеат да најдат решение за проблемот со којшто се соочуваат. Решението е сосем едноставно, а тоа се сведува на прилагодување на усвоената Концепција за основно образование во 2021 година, во која ќе биде задржано местото коешто претходно го имаше предметот Етика во религиите.
Тој статус којшто беше утврден уште во 2009/2010 година одговара и на потребите на граѓаните, и на потребите на учениците и на потребите на верските заедници, и на потребите на вероучителите. Тој статус треба да се задржи, а државата не смее да го турка во ќош изучувањето на овој предмет, за сметка на изучувањето на некои други предмети.
Станува збор за две барања: Првото барање е наместо да имаме молк од страна на институциите, да има дијалог со претставниците со професорите по Етика во религиите. И второ, да се најде начин како да се прилагоди и унапреди усвоената Концепција за основното образование, на начин на кој статусот на предметот Етика во религиите нема да се деградира, туку ќе се задржи, и ако има можност истиот да се унапреди“, изјави Спасеновски.
Отец Бобан Митевски порача дека целта на сето нивно досегашно делување и како Асоцијација на професорите по Етика во религии, но и како верски заедници, е да ја истакнат важноста од
потребата за учењето на религиите во образовниот систем.
Сметаме дека е неодминлив и неоспорен фактот тоа што нашето општество, кое се дефинира како мултикултурно, мултиконфесионално, мултинационално и мултирелигиозно, во голем дел – историски, духовно, вредносно, морално-етички, но и во рамки на уметноста – почива на религијата. Ние, насекаде се фалиме со нашите верски објекти, со нашите верски скапоцености, без разлика на која религија припаѓаат, а не сакаме да имаме знаење за сето тоа.
Од друга страна, моралните начела, кои се и тоа како важни во еден општествен контекст за правилен развој и на младите, но и на сите нас, се една постојана насока во тоа како да дејствуваме, како да живееме и како да ги правиме животот и општеството едноставно подобри.
Затоа сметаме дека е од особено значење овој молк на државните институции да престане и да се претвори во дијалог за потребата и за важноста од изучувањето на предметот Етика во религии, којшто ќе резултира со веќе сигурно имплементирање на овој предмет во системот на македонското образование и тоа во онаа форма, во која наставата ќе биде спроведувана исклучиво од страна на обучени теолози од Православниот богословски факултет и факултетот за Исламски науки, кои пак, се институции во рамките на државниот образовен апарат.
Со тоа ќе им се придружиме на сите европски држави кај коишто религиското образование е загарантирано присутно во образовните системи“, истакна отец Митевски.
Амел Куртиши изјави дека сите истражувања и анкети за предметот и за изучување на религиите
покажале дека заинтересираноста на децата и младите во глобала е голема, затоа што тоа е дел
од нивниот идентитет.
Доколку ние им ја дадеме таа можност да истражуваат за својата религија и за религијата на другите, тоа ќе придонесе нивниот идентитет да биде покохезивен, да биде постабилен и да можат полесно да се соочат со дилемите коишто ни ги нуди ова современо општество. Секако дека за тоа многу би придонело проучувањето на еден компаративен пристап, во којшто ќе се третираат повеќе религии за да може да се запознаат сите, за да се разбере дека тоа што нѐ соединува е многу повеќе од тоа што нѐ дели.
Тоа многу би придонело кај луѓето и децата – кои се нашата иднина – за да се создаде еден предуслов за соживот, толеранција, заедничко работење и соработка, во вакви општества како нашето, коишто се мултиконфесионални и мултиетнички. Бидејќи принципот – човекот е непријател на тоа што не го познава – е забележан и кај учениците.
Сѐ додека тие не знаат ништо за другиот, тој нивен првичен став ќе е можеби негативен или одбивен. Но, колку повеќе учат за другите и за тоа што е нивна одлика или карактеристика на нивната религија или убедување, тоа се претвора во еден мост којшто овозможува комуникација и понатаму. Овозможува да се создадат пријателства коишто се прекупотребни во нашето општество. Ние навистина имаме потреба да го надминеме тој ендек кој постои меѓу младите, да се изведат мостови на комуникација и дружење.
А тоа може да го направиме запознавајќи се еден со друг. Доколку сакаме да правиме интеграција во нашето општество и да го подигнеме нивото на општествената кохезија, предметот Етика во религиите или предметите поврзани со изучувањето на религиите се многу добар предуслов за да се надминат предрасудите или дилемите коишто постојат кај многу млади луѓе.
Да не дозволиме за религијата на децата да им зборува некој којшто можеби ќе ги насочи во погрешен правец и подоцна тоа ќе биде причина за конфликти, туку тоа да го прават дипломираните теолози кои се наставници по предметот. Тие се професионалците кои ќе придонесат да се создаде една атмосфера на кохезија, на заедничко живеење, соработка и пријателство“, изјави Куртиши.