Етичкиот кодекс за владините функционери, кој ги обврзува да се однесуваат економично со народните пари за секоја власт е како парче тоалет-хартија. Ако сегашните ги критикуваа претходните дека играле фудбал во кабинет, сегашниот премиер веднаш го зеде синот на патување во Вашингтон и тој заедно со министрите патуваше во бизнис-класа, додека се жали дека во буџетот недостигаат пари. Сите овие случаи ги испитува ДКСК, која, пак, бара привилегии, односно дипломатски пасоши?!
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Жена по име Илва Јохансон седи на железничка станица со сендвич во скутот и чека воз за да си оди дома. Оваа фотографија, која во 2020 година ги преплави социјалните мрежи, немаше да стане толку популарна, ако Јохансон не била шведска министерка за труд.
На објавата пишуваше: „На оваа фотографија, жена чека воз за да си оди дома, држејќи сендвич. Оваа жена се вика Илва Јохансон. Отиде на работа, работеше, си оди дома – како секоја жена, како секој граѓанин… Само сакам да истакнам дека оваа жена е шведски министер за труд…“
Странските медиуми анализираа дали оваа фотографија е лажна или вистинска и констатираа дека фотографијата е направена во 2018 година и дека не е објавена од случаен минувач, туку е објавена на нејзиниот инстаграм-профил. На овој профил таа со потсмев напишала дека нејзината работа понекогаш воопшто не е гламурозна.
Сепак, точно е дека во 2018 година, Јохансон била министерка за труд на Шведска и дека тогаш е објавена фотографијата, но нема потврда дека Јохансон редовно се вози со воз бидејќи пишува само за конкретен состанок. По министерската функција, Јохансон стана член на Европската комисија.
Медиумите констатираат дека објавата е погрешна, но сликата не е лажна. Но, факт е дека луѓето низ цел свет се восхитуваа на оваа фотографија. Тие се желни да ги видат функционерите што им ја водат државата вака скромни, на исто ниво како и обичниот граѓанин. Од блиску да видат со што се соочуваат секојдневно.
Во Македонија, ваква слика е научна фантастика, освен ако не е направена за партиски популизам. Не постои функционер што користи автобус да стигне на работа, за да почувствува како граѓаните со часови чекаат автобус на 40 степени и доцнат секаде.
Пред да дојдат на власт, една од главните мантри на сегашната власт беше „нема да играме фудбал со колегите во кабинет“, алудирајќи на однесувањето на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој играше фудбал со колегите од ДУИ, луксузно го опреми својот кабинет и си замина од власта без влакно да му фали.
Но, уште на првото патување, сегашната власт покажа дека, исто како и на претходниците, Кодексот за етичко однесување за членовите на владата и носителите на јавни функции именувани од страна на владата ништо не им значи.
Па така, синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован Мицкоски, го придружуваше татка си на официјалното патување во САД за Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата.
По Вашингтон, делегацијата престојуваше и во Њујорк. Премиерот тврди дека патувањето на син му е од свој џеб, јавно не покажа сметки, но сите документи ќе ги доставел до Антикорупциската комисија.
Државната комисија за спречување корупција, на 15 јули отвори предмет по допрен глас за да испита на чија сметка патувал синот на премиерот.
Од Министерството за надворешни работи тврдат дека делегацијата на Самитот на НАТО броела 21 член, бројката била точно определена од страна на Алијансата согласно протоколите на НАТО.
„Фокус“ испрати прашања до владата колку лица броела делегацијата што беше во Вашингтон, а потоа и во Њујорк и колку пари се потрошени од буџетот за нивното патување. Но, официјален одговор не добивме.
Додека Мицкоски тврди дека недостасуваат, односно дека претходната власт украла 200 милиони евра во буџетот и сега оваа власт едвај ги пополнува дупките, опозицијата обелодени дека тој заедно со тројцата министри што го придружуваа, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, летале со бизнис класа и потрошиле 20 милиони евра.
Според професорката Мирјана Најчевска, одредбата „Носителите на извршни функции при службени патувања за професионални обврски во странство се водат од начелото на ефикасност и економичност и обезбедуваат економски најприфатливи аранжмани“, е одредба што најлесно се крши од сите функционери.
– Најголем број од нив воопшто не се ни обидуваат да најдат најекономични решенија за патување, си носат роднини на официјални настани и редовно носат огромни делегации во кои задолжително има и фотограф, кој има задача да го полни нивниот инстаграм-профил – коментира Најчевска.
Па така, овој кодекс, според неа, и за претходната, и за оваа власт е едноставно парче тоалет-хартија.
– За функционерите нема никакво значење. Едноставно, го декламираат како напамет научена песничка, без воопшто да обрнуваат внимание на содржината. Целокупното владеење на секоја од досегашните владејачки структури претставува секојдневно и многу очигледно, па и нескриено, кршење на етичкиот кодекс.
И од претходната, и од сегашната власт, очигледно се крши одредбата дека „носителите на извршни функции во своето работење се посветени исклучиво на јавниот интерес на и општото добро“. Тоа што секој што дошол на власт си оди од власта побогат и редовно отвора или развива некој бизнис, зборува за тоа дека власта е искористена за лична добивка и бенефит – вели Најчевска за „Фокус“.
И за претходните, и за сегашните, заедничко е тоа што прво нешто што прават кога ќе дојдат на власт, според неа, е вработувањето свои блиски, роднини, партиски другарчиња и со тоа ја прекршуваат одредбата „Носителите на извршни функции не смеат да ја искористат својата функција за стекнување лична корист или корист на блиски лица, како и корист на политичка партија и друг субјект“.
– Постојаното зголемување на трошоците наменети за владата, и преуредувањето на канцелариите при секоја промена на власта (опремување со луксузен мебел), делењето пари без претходни анализи (како што е на пример постојаното дотурање пари на општините без да се води грижа за што се трошат овие пари или, пак, уништувањето на јавните претпријатија) зборува за апсолутно несоодветно користење на јавните ресурси – вели Најчевска.
За кршењето на етичкиот кодекс, професорката вели дека треба да реагира Собранието, преку комисиите и повикувањето одговорност на одделни министри, Комисијата за спречување корупција, чие мислење треба да претставува обврска за поведување постапка, надворешната ревизија, чие мислење треба да биде основа за поведување постапки).
– Медиумите треба да бидат многу поагресивни во документирањето случаи на прекршување на етичкиот кодекс и упорни во поставувањето прашања и информирање на јавноста. Во моментов сè се сведува на изреката „секое чудо за три дена – децидна е таа.
Поделбата по етничка линија во фунционирањето на секоја владите, според Најчевска, е прекршување на одредбата „Министрите и замениците на министрите се лојални на претседателот на Владата на чијпредлог се именувани“.
-На пример и министерот Артан Груби и министерот Бујар Османи од претходната влада јасно и гласно кажаа дека тие одговараат пред претседателот на нивната партија, а не пред премиерот. Истотот тоа се случи и во моментот на доаѓање на новата власт кога претставниците на ВРЕДИ едноставно формираа паралелна влада, додава професорката.
Како примери од претходната власт со кои најеклатантно беше прекршен етичкиот кодекс, Најчевска го наведува „безобразното однесување на Талат Џафери кон своите вработени, за што излезе аудио снимки на којашто се слуша како Џафери недолично се однесува кон вработените.
–Според етичкиот кодекс „Носителите на извршни функции со своето однесување кон вработените во институцијатасо која раководат, односно во чие раководење учествуваат, се однесуваат со должнопочитување на нивната личност и нема да влијаат врз нив на начин кој е спротивен назаконот, констатира Најчевска.
–Бујар Османи е еден од министерите кој најчесто ја прекршуваше одредбата дека „Носителите на извршни функции не можат да настапуваат само од свое лично име, ададените изјави, гостувања, интервјуа, објави на социјалните мрежи треба да бидатконзистентни со владината политика и утврдената програма за работа на Владата“. Тој едноставо се шеташе по белиот свет и си настапуваше во свое име и име на својата партија без апсолутно никакви консултации со владата. Уште повеќе, тој толку го приватизираше МНР што им наложил на амбасадорите да му испраќаат информации исклучиво нему, а не и на премиерот и претседателот на државата, заклучува професорката.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.