Етичката димензија на личната одговорност

by Фокус

Се создава системска можност за воведување и на заштитни механизми невините да не бидат вовлечени во казнување поради нивно поврзување со припадност на одреден колектив, во ситуација во која тие не се директно вклучени во дадено криминално дејствие.

Пишува: Фатмир БИТИЌИ

Измените на Кривичниот законик на јавната сцена разбудија кај одредени политички кругови романтична носталгичност кон вредносниот систем, кој беше догматизиран во „тефтер судството“, во едни минати, но, сепак, не толку далечни времиња.

Од сенка на колективизмот во кој партијата, а не правниот поредок, арбитрарно ги дефинираше рамките на пожелното политичко однесување, во јавноста одѕвонуваат гласови за тоа дека системски се воведува неказнивост за злоупотреба на службената положба од страна на носители на јавни функции.

Се изнесуваат ставови во кои јасно се препознаваат нијансите на времето, во кое владеењето на правото се манифестираше како владеење на колективот, на партијата, која ги создаваше проблемите на граѓаните, за потоа, преку проектирање месијанска функција, навидум и ги решаваше.

Заострувањето на казнената политика, за чии промени сега демонстрираат длабока загриженост, не се правеше поради правни мотиви, туку од политички желби сите носители на јавни функции да се подведат под диктатот на неприкосновениот центар на моќ, на тогашниот премиер.

Држењето на тежиштето на системот на неговата колективна принудност, а не на слободата и личната одговорност на поединецот, беше моделот во кој казнивоста беше во функција на развивање на покорноста, не кон јавниот интерес, туку кон нетранспарентни структури на политичка, економска и судска моќ.

Казнената политика не беше развиен механизам што ќе ги штити граѓаните од државата, од партијата, од фамилијата.

Туку напротив, ситуацијата беше спротивна, владејачката структура, Кривичниот законик го користеше за да се заштитите себеси, својата комфорна позиција на апсолутно и неодговорно трошење на парите на граѓаните.

Борбата против корупцијата и криминалот во општеството бара градење системски механизми, кои ќе ја артикулираат личната одговорност кај носителите на јавни функции.

ЗАШТИТА НА НЕВИНИТЕ

Потребно е личната одговорност да се постави на позиција на морален компас, кој ќе нѐ води низ комплексноста и различностите на заедничкото живеење во општеството.

Воедно, таа треба да се издигне на ниво на општоприфатено вредносно признание на нашата меѓусебна поврзаност, заемна подготвеност за етичко однесување во вршењето јавни функции и нагласување на свеста за длабокото влијание што политичките одлуки и избори го имаат во општеството.

Системски развивајќи и споделувајќи свест за заеднички ресурси, интереси и иднина, можеме да го негуваме чувството на солидарност и сплотеност во нашето општество.

Ослободувањето од колективистичкиот политички менталитет ќе создаде политички простор, во кој правниот систем ќе ги повикува и санкционира поединците како директно одговорни за своите постапки или одлуки.

На тој начин на индивидуализирање на одговорноста, правните постапки во очите на јавноста може во поголем степен нагласено да бидат препознаени како праведни и транспарентни.

Системското напуштање на колективизмот како темелна одредница на политичкото однесување и засилената транзиција кон личната одговорност во управувањето со државните институции ќе значи отворање нови простори, во кои праведноста како вредност во општеството би се вкоренила.

Станува збор за создавање системска можност за воведување и заштитни механизми невините да не бидат вовлечени во казнување поради нивно поврзување со припадност на одреден колектив, во ситуација во која тие не се директно вклучени во дадено криминално дејствие.

Личната одговорност во себе носи и силна етичка посветеност да се практикува автономија во носењето на политичките одлуки или избори чии последици, позитивни или негативни, се брануваат низ целото општество.

Градењето амбиент, во кој индивидуалната слобода ќе биде неразделно врзана за граѓанската должност, ќе значи и чин во кој ќе се проткае свеста дека нашите постапки или одлуки од позиција на носители на јавна функција не се само наши, индивидуални, туку и на тие што живеат со нас и покрај нас, на граѓаните.

За учесниците во политичкиот живот на нашата држава, за кои демократијата е неприкосновен идеал и мотив, императивно е вредносно да ги дефинираат своите политички позиции, со цел да се олесни носењето одлуки и правењето избори при извршувањето јавни функции.

ЛИЧНА ОДГОВОРНОСТ

Секој треба да ја има слободата да прави избор, усогласен со сопствените вредности, но таа слобода не подразбира колективизирање и на одговорноста при евентуални штети настанати поради индивидуални лукративни мотиви.

Општата транзиција од политичкиот менталитет на колективитети кон индивидуализмот во политичката култура на Северна Македонија мора да ја моделираме и во насока на воспоставување системска превенција од ризик поединци, кои имаат преземено лична одговорност да не бидат неправедно оптоварени со одговорност за системски или институционални неуспеси.

Зголемувањето на опфатот на казнивоста во сегментот на конфискацијата на имотот треба да го разбереме и како дел од системското уривање на отпорот кон индивидуализмот, при што личната одговорност ја формира вредносната основа на која се поставува ефективното институционално управување.

Во тој контекст, личната одговорност ќе значи и почитување на вредностите на интегритет, транспарентност и отчетност додека се носат одлуки што влијаат врз животите на многумина.

Таа повлекува длабока посветеност да му се служи на општото добро, да се ценат потребите и интересите на граѓаните над личните интереси и да се осигури дека секоја одлука ќе биде водена од принципите на правда и правичност.

Патот кон ЕУ треба да го сфатиме и да го разбереме како можност за општествен напор во насока на олеснување на транзицијата од колективизмот кон индивидуализмот, пат што треба да го поминеме и во делот на кривичната одговорност на носители на јавни функции.

Потребно е создавање нормативен поредок, во кој политичарите ќе бидат обврзани, како чувари на јавното добро, да го практикуваат својот авторитет разумно и да се залагаат за политики што ќе промовираат социјална благосостојба, еднаквост и одржлив напредок.

Поврзани новости