На денешното судско рочиште за насилниот упад во Собранието, што се случи на 27 април 2017 година, сведочеше Влатко Наумовски, помошник командир во Единицата за брзо распоредување (ЕБР).
Сведокот на прашање на обвинителката Вилма Рускоска истакна дека тој го изготвил распоредот на ЕБР за 27 април, во координација со колегите од штабот “Платформа”. Тој посочи и дека се слушнал со обвинетиот Митко Пешов, началник на Одделот за специјални полициски операции, во врска со распоредот, бидејќи Пешов му кажал дека утредента на 27 април имало закажано и спортски натпревар, но тоа ќе го договорел со командирот.
На 27 април сведокот бил слободен, па додека седел во ресторан околу 18.30 часот му се јавил командирот и му рекол доколку може да оди во Собранието бидејќи е нарушен јавниот ред и мир.
-Кога стигнав дел од луѓето ја имаа прескокнато заштитната опрема и се упатуваа кон главниот влез. Тогаш стапив во контакт со одговорниот старешина за целокупното обезбедување Зоран Станчевски од кого се запознав со ситуацијата но и самиот гледав дека толпата сака да влезе во Собранието. За истото го информирав командатот Маријан Петковски, односно дека масата се обидува да влезе внатре. Во тоа време добив повик од директорот на БЈБ Митко Чавков кој побара од мене да му ја презентирам состојбата, односно дека има обид за влез во Собрание. Ми рече да ја следам состојбата и да превземам мерки и дејствија. Му кажав дека има постојан прилив на граѓани, па му реков дека треба засилување, бидејќи со тие што беа тешко можеме да се справиме со нарушувањето, рече сведокот.
Тој додаде дека потоа се слушнал со командирот кој му рекол информациите да ги праќа до началникот Митко Пешов.
-И со Пешов се слушнав и му ја соопштив информацијата за состојбата. Пред 19 часот дојдоа уште луѓе кои се упатуваа кон влезот во Собранието од западната страна, па направив прегрупирање и дел од силите ги префрлив и за блокада на тој влез. Потоа добив информација дека дел од луѓето влегле внатре, по што добив насока силите да влезат внатре и да го спречиме нарушувањето на редот. Тогаш дел од силите кои беа за блокада на влезовите мораше да влезат внатре, истакна сведокот.
Поради големиот наплив на луѓе полицајците што останале на вратите не успеале да ги спречат да влезат во Собранието.
-Дел од нив влегуваа насилно, поради што имаше и повредени колеги, истакна Наумовски.
Тој подоцна добил информација дека во пресс салата во која се наоѓале пратеници се случува големо нарушување на јавниот ред и мир.
-За истото телефонски ги информирав началникот Митко Пешов и Митко Чавков и истите ми дадоа насока со сите расположливи сили да се упатам кон прес салата и Салата 3. Јас постапив и дадов наредба и дел од силите се упатија кон двете сали. Силите кои се упатија кон салите во Собранието наидоа на отпор и беа повредени по што дадов наредба да се употребат средства на присилба, рече сведокот.
Тогаш добил информации дека повредени се неколку пратеници и новинари.
-Во тој момент, околу 20 часот, и јас влегов внатре во Собранието а тогаш пристигнаа и два тима од Единицата за обука и поддршка и еден тим од Единицата за специјални задачи “тигар”‘.
Сведокот повторно го информирал Чавков дека се соочуваат со блокада и не можеле да влезат внатре, а тој му рекол со сите сили да влезат.
-Од Чавков побарав да употребиме шок бомби , за што добив дозвола. Тогаш протестантите се исплашија и со тешки маки дојдовме до прес салат. Во тој момент видов многу раскрварени лица, сведочеше сведокот, кој продолжи да објаснува како течела евакуацијата.
-И во просторијата каде што ги сместивме повредените повторно се правеше обид на протестантите да влезат внатре. Повторно побарав дополнителни сили, по што добив информација дека доаѓаат. Докторката рече дека доколу пратеникот Зијадин Села не се изнесе итно постои опасност по неговиот живот. И за ова информирав по радио врска, рече сведокот.
Тој потенцираше дека насилство се вршело и додека траела евакуацијата , но тогаш пристигнало и засилување.
На дополнителното прашање од обвинителката Рускоска што му одговорил Чавков на барањето дека е потребно засилување, сведокот не одговори бидејќи судијката Кацарска не го дозволи прашањето бидејќи како што рече веќе било одговорено, за што претходно приговараше одбраната.
Сепак одговарајќи на дополнително прашање сведокот појасни дека Чавков му рекол да ги искористи сите расположливи сили, но мислел на тие што биле веќе кај Собранието, а не добил нови.
Дополни и дека Пешов му рекол дека ќе добие засилување од две екипи од кои едната од Одделот за специјални операции, благодарение на кои била извршена евакуацијата.
-Штом се створија услови, односно штом дојдоа колегите, ја разбија толпата и создадоа услови за евакуација, рече сведокот.
В.В.