Естрадата во паника, музичарот Силјаноски позитивен на Ковид-19!

by Frosina Fakova

Фолк пејачот Спасен Силјаноски од Кичево е позитивен на Ковид-19. Веста ја потврди на социјалните мрежи пред неколку часа, и вели дека нема симптоми.

-Не е грев да се добие Ковид-19, бидејќи не знаеме кој го носи, но грев е да се прикрие доколку се има и да се заразат твоите блиски роднини и пријатели. Затоа, поради моја морална и етичка одговорност ви го соопштувам ова – информира музичарот, кој моментално се наоѓа во изолација. Веста дека Силјаноски е позитивен на корона вирус вознемири добар дел од естрадата. Пред неколку дена, тој имал средба со повеќе колеги.

Сепак, негови соработници за „Фокус” откриваат дека нема место за паника, бидејќи тој имал средба со позитивно лице на вирусот, кога најверојатно и самиот се инфицирал, ден по средбата со колегите.

-Имаме информација дека Спасен се сретнал со здравствен работник, лице за кое подоцна се испоставило дека е позитивно на вирусот. Средбата се случила ден по неговата дружба со колегите, нормално дека се создаде мала паника помеѓу естрадата, но нема место за загриженост – смируваат вработени во позната музичка продукција.

Велат дека не би ги откривале имињата на познатите пејачи кои имале средба со Спасен, со цел да се зачува нивната приватност. Инаку, Силјаноски помина извесен период и во државен карантин пред околу три месеци, кога се врати од турнеја низ Австралија. Пред неколку недели пак, јавно му даде поддршка на владиката Агатангел, по повод неговиот повик верниците да излезат на верскиот празник Задушница. Тогаш раскажа дека за време на прослава на која присуствувале сите владици на МПЦ, заедно со Агатангел ја отпеале песната „Бегајте Грци, не ве сакаме” и како за него владиката е најголем патриот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости