Голем број на познати фолк и поп музичари синоќа во ресторан ,,Центар” во Прилеп му оддадоа почит на естрадниот менаџер Хари Сековски, кој славеше јубилеј, 25 години менаџирање.
Прилепчанецот кој повеќе од две децнии живее во Швајцарија зад себе има организирано стотици концерти на наши и регионални музичари во клубови, концертни сали и дискотеки.
Благодарение на него голем број на пејачи ги имале своите први настапи пред македонската и балканска публика во Швајцарија, и како што раскажуваат, тој имал доверба во нив уште кога биле на почетоците на своите кариери, па поради неговата верба добиле шанса да се промовираат надвор од земјава.
Инаку, Сековски по потекло е од Прилеп, каде уште како младо момче започнал со работа во тамошната радио станица. По преселбата во Швајацрија, каде сега живее со семејството, се посветил на естрадното менаџирање, а листата со пејачи на кои им организирал настапи е долга.
Тоше Проески, Каролина, Северина, Саша Матиќ, Ребека, Дуле и Коки, Ферус, Слаткар, Врчак, Ламбе, Тони Зен, Лозано, Елена Ристеска и многу други музичари се дел од неговите соработници на кои во овие 25 години им организирал гостување во познати швајцарски локали.
Пред пет години пак, тој во познатата дискотека Палма во Берн правеше јубилејна забава на која настапија Тајзи, ДНК, Ирена Спасовска, Елена Велевска, Стојне Николова, Благоја Грујовски…
Синоќа во Прилеп помеѓу музичките гости беа Сузана Гавазова, Елена Велевска, Елена Јовческа, Ламбе, Благоја Грујовски, Цаки Кисми, Модус Бенд и многу други музичари, како и пријатели на менаџерот, кои му посакаа уште многу јубилејни дружби во иднина.
Вики Клинчарова