Државната енергетска компанија ЕСМ е најголем загубар во Македонија според листата на Министерството за финансии иако пред само еден месец премиерот Христијан Мицкоски во име на Владата се пофали дека успеале да ја консолидираат компанијата од лошото работење на претходната влада на СДСМ и на ДУИ.
ЕСМ прикажа загуба од 22, 6 милиони евра во третиот квартал година и со оваа бројка компанијата се најде на врвот на листата на министерството за приходи и расходи квартално за сите државни претпријатија.
Државниот гигант за струја од почетокот на годинава е во минус и иако во однос на претходните квартали има мало намалување на загубите, се уште не влегол во позитивен биланс.
Загубата е речиси еднаква на сумата која ЕСМ ја потроши да купи струја од берзите за да ги покрие потребите дома кои пак не ги испорачува РЕК Битола..
За декември ЕСМ потроши 14 милиони евра и тоа само за 15 дена. Сега, ЕСМ докупува струја за над 5 милиони евра и тоа е сума од 19 милиони евра за само еден месец.
Електрани веќе подолго време работи со потешкотии и со финансиски проблеми. Но, државата одлучи да не ги помага со пари од буџетот, па така компанијата кај домашните банки се задолжи со 80 милиони евра кредит.
На листата е и втората државна енергетска компанија, МЕПСО која во третиот квартал има добивка од пет милиони евра.
ЈП за државни патишта има добивка од 52 милиони евра, расходите се 25 милиони евра, а приходите 77 милиони евра.
АД Железници на РСМ Транспорт остварила загуба од 2 милиони евра, ЈП Национални шуми има зголемени приходи врз основа на кои остварила позитивен финансиски резултат од 222 милиони денари.
Со минус во работењето се и МЖ Инфраструктура, Пошта, Водостопанство Скопје, ЈП за одржување на магистрални и регионални патишта познато како Македонија пат и други државни претпријатија.
Сите 29 државни претпријатија во третиот квартал имале вкупен профит од 32 милиони евра.
О.К.