Државната енергетска компанија понуди цена од 62 евра за мегават час на тендерот на ЕВН Хоум.
Новата цена е за две евра повисока од цената по која во моментов државните електрани му ја продаваат на универзалниот снабдувач.
Според пресметките оваа цена е за 3,3 отсто повисока од сегашните 60 евра за мегават час електрична енергија кои ЕСМ му ги продава на ЕВН Хоум. Понудата на ЕСМ има најголемо влијание врз формирањето на крајната цена за домаќинствата и малите фирми.
Електродистрибуција пак, на тендер обезбеди струја од ЕСМ за покривање на своите загуби. ЕСМ ќе им продава струја по 100 евра за мегават час колку што е досегашната просечна цена за загубите во системот.
Цената на електричната енергија од 1 јануари ќе зависи најмногу од тоа каква цена државните електрани ќе понудат до Универзалниот снабдувач.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека големи промени нема да има во цената на електричната енергија. Ако евентуално дојде до поскапување, тоа ќе биде до три проценти. Мицкоски смета дека понудата од ЕСМ ќе се движи помеѓу 58 и 62 евра.
Ваквите очекувања, Мицкоски ги темели на постепената консолидација на ЕСМ што е направена во изминатите четири-пет месеци, состојбата со количините јаглен, набавката на природниот гас…
Но, ветувањето кое тој го даде веднаш по формирањето на новата Влада беше дека од јануари граѓаните и компаниите ќе добиваат поевтина електрична енергија. Тогаш тој најави дека во наредните шест месеци ќе се направат напори за реорганизиција на енергетскиот сектор и идната година граѓаните да добијат поевтини сметки за струја.
Првиот дел од ветувањето е исполнет, Мицкоски потврди дека ЕСМ е консолидирана, но цената на струјата наместо да се намали може да се зголеми.
Од Регулаторната комисија за „Фокус“ велат дека во овој момент се анализираат доставените барања на енергетските компании: Електродистрибуција, МЕПСО и МЕМО. Се очекува и исходот од тендерот за набавка на струја за покривање на загуби, по што ќе може РКЕ да донесе одлука за тарифите до крај на месецот – за мрежните оператори и оператор на пазар.
„Што се однесува до ЕСМ, потсетуваме дека РКЕ не ја регулира цената на државниот производител, туку истата се формира од страна на Владата на РСМ, како сопственик на оваа компанија. Потоа, согласно Законот за енергетика, АД ЕСМ конкурира на повикот на Универзалниот снабдувач – ЕВН ХОМЕ, кој ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи. Потоа Универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ќе ја пресмета финалната цена на електрична енергија и ќе ја достави до РКЕ, која ќе го провери целиот процес и ако е согласно Методологијата истата ќе ја одобри или врати на доуредување“, соопштија од РКЕ.