ЕСМ најчесто го заменува огласот со преговори, третиот најголем договор завршил кај „Новоматрикс“!

Еден од највисоките договори по пат на преговори без објавување на оглас АД ЕСМ лани го склучил со „Новоматрикс“, која, како што пишуваше „Фокус“, сега е во сопственост на близок човек на Стојан Чифлигароски, пријател на Вице Заев, а порано сменила повеќе сопственици, меѓу кои била и компанија на Камчеви.

by Фокус

Во претходната 2022 година, низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени 333 договори во вкупна вредност од 31 милион евра, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации од мониторингот на јавните набавки за ланската година.

Од обработката на податоците од страна на ЦГК се доаѓа до сознание дека во 83 отсто од ваквите договори се преговарало само со една фирма. Со оглед на нетранспарентноста на ваквата постапка, наведуваат од Центарот, потребно е институциите да ја применуваат само во исклучителни ситуации.

Во насока на зголемување на увидот во овие договори, со објавување на известувањето за склучен договор да се објавува и тендерската документација, а во известувањата за склучен договор да се наведат и имињата на сите фирми кои учествувале во преговарањата, а не само името на фирмата со која е склучен договорот“, препорачуваат од таму.

Гледано на ниво на институции, најголема вредност на склучени договори без објавување оглас од листата на државни институции повторно има државната компанија за производство на струја АД ЕСМ со 23 договори вредни 21 милион евра, по што следуваат министерствата за образование, внатрешни работи…

Од 10-те најголеми договори „во 4 очи“, пак, дури 8 се на ЕСМ, со тоа што најголемиот во вредност од 6,4 милиони евра е склучен со фирмата „Actael N Ltd“ од Софија за набавка на блок-трансформатор за потребите на РЕК Битола.

ЗГАСНА „СВ-ИНВЕСТ“, НИКНА „НОВОМАТРИКС“

Што се однесува до останатите топ-10 договори во постапки со директни преговори, на второ место е договорот на ЕСМ со „Марковски компани“ за помошна механизација за потребите на РЕК Битола во вредност од 2,3 милиони евра, додека на трето место е договорот на ЕСМ со „Новоматрикс“ за технолошко чистење во вредност од над 2,2 милиони евра.

Во неколку наврати досега, „Фокус“ ги обработувал големите тендери на ЕСМ за рудниците на РЕК Битола, особено оние постапки по пат на преговори без објавување оглас, а во рамки на едно такво наше неодамнешно истражување фокусот беше ставен токму компанијата „Новоматрикс“ и договорот за технолошко чистење, кој лани е трет највреден договор од ваков вид.

Како што пишуваше неделникот „Фокус“, станува збор за компанија која денес е во сопственост на Александар Наумов, но порано сменила повеќе сопственици, меѓу кои била и „Архи“ или денешна „Панорама резиденс“, во чија сопственичка структура се промениле многу субјекти, така што денес е во целосна сопственост на „Орка“ на Орце Камчев.

Инаку, денешниот сопственик на „Новоматрикс“ – Наумов, важи за близок соработник на бизнисменот Стојан Чифлигароски, кој пак е деклариран пријател на Вице Заев, брат на поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев. Порано, Наумов бил и управител на добро познатата „СВ-Инвест“ на Чифлигароски.

Во врска со „СВ-Инвест“, вчера објавивме дека друштвото и официјално престана да постои по комплетирањето на 2-годишната стечајна постапка, откако во период од 2018 до 2011 година оваа компанија склучила 30 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 6,3 милиони евра, при што најмногу и најголеми договори биле склучени за работа во „РЕК Битола.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА СО АНЕКСИ

Веднаш откако „СВ-Инвест“ доби негативна референца и падна во стечај кон средината на 2021 година, „Новоматрикс“ почна да ги добива работите во РЕК Битола што претходно ги вршеше токму компанијата на Чифлигароски.

Така, „Новоматрикс“ склучи договор со ЕСМ за технолошко чистење во РЕК Битола во 2021 година во вредност од над еден милион евра. Значи, „СВ-Инвест“ паѓа во стечај во март, во јуни истата година „Новоматрикс“ на Наумов ја добива работата во РЕК Битола што ја вршеше фирмата на неговиот поранешен сопственик.

Поточно, на 18.9.2020 година, „СВ-Инвест“ склучува договор со ЕСМ за технолошко чистење во РЕК Битола во вредност од речиси 960 илјади евра. Веќе следната година, оваа компанија оди во стечај, па ЕСМ за истата работа на 8.6.2021 година склучува договор со „Новоматрикс“.

Првично бил склучен договор на 960 илјади евра, исто како и претходната година со „СВ-Инвест“, но на крајот тој надминал 1,1 милиони евра поради два анекси. Иако „Новоматрикс“ бил единствен понудувач во тендерската постапка во 2021 година, се спровела отворена постапка, на која можеле да се јават и други компании.

Но, ланската 2022 година ЕСМ повторно склучил договор со „Новоматрикс“ за технолошко чистење, ама овојпат во постапка со преговори. За разлика од претходно, овој договор не се однесувал за период од една, туку за една и пол година, и воедно изнесувал над 2,2 милиони евра.

ПОНИШТЕНИ ПОСТАПКИ

Прво, ЕСМ објавил оглас за технолошко чистење во РЕК Битола на 27.4.2022 година, но постапката била поништена, бидејќи тендерската документација содржела „битни пропусти или недостатоци од техничка природа, кои би влијаеле врз исходот на постапката во делот на доставувањето на техничката документација од страна на економските оператори и значително би го намалиле квалитетот во извршувањето на предметната набавка“.

Набргу потоа, т.е. на 20.5.2022 година, ЕСМ објавил оглас за нова тендерска постапка, но и таа пропаднала со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“. Впрочем, ваков епилог следува откако една од компаниите што учествувале во постапката поднела жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, која била делумно усвоена.

Од решението што го донела второстепената Комисија произлегува дека се работи за битолската компанија „Ремонт Механика“, која ја обжалила одлуката на ЕСМ да го избере токму „Новоматрикс“ како најповолен понудувач, откако понудата на групацијата предводена од „Ремонт Механика“ (плус „БВ Инженеринг“) ја отфрлила уште во фазата на евалуација.

Како што се наведува во решението, Комисијата за јавни набавки во рамки на ЕСМ утврдила дека „Ремонт Механика“ не ги исполнува условите што налагаат да има извршено минимум една услуга од ист вид како предметот на набавката во последните 3 години во вкупен износ од минимум 780 илјади евра, иако жалителот тврдел дека имал реализирано вакви договори во износ од над милион евра.

Незадоволната компанија забележала уште еден интересен факт. Имено, ЕСМ ја намалил висината на банкарската гаранција од 15 на 5 проценти на барање на „Новоматрикс“, кој по елиминацијата на „Ремонт-Механика“ останал единствен понудувач. Меѓутоа, договорниот орган не ја објавил измена на огласот поради ваквата промена.

НАВОДИ НА ЖАЛИТЕЛОТ

„Новоматрикс“, кој бил избран за најповолен понудувач, имал вршено една единствена услуга на чистење во изминатите 3 години кај РЕК Битола во износ од 70 милиони денари, што е особено индикативно во поглед на поставувањето на условот, кој упатува на експлицитен заклучок дека тендерската документација е изготвена и дизајнирана за да биде компатибилна со економскиот профил на овој економски оператор, на кој начин отворено се фаворизира“, навел жалителот.

Наспроти тоа, договорниот орган возвратил дека жалбата е неоснована и навел сопствени аргументи во поткрепа на тоа, додека Комисијата ја оправдала одлуката на ЕСМ да не ја земе во предвид понудата на „Ремонт Механика“, појаснувајќи дека договорниот орган барал еден реализиран договор од 48 милиони договори, а не збирно. Дополнително, Комисијата го отфрлила и наводот дека огласот не бил соодветно апдејтуван.

Меѓутоа, второстепениот орган истовремено оценил дека „критериумите за способност не се утврдени во согласност со Законот за јавни набавки, дека тендерската документација не е во согласност со овој закон и довела или можела да доведе до дискриминација на економските оператори или ограничување на пазарната конкуренција“.

На тој начин, Комисијата за жалби ја поништи постапката и наложила дека при евентуално повторно објавување на тендерот, договорниот орган треба „да изготви тендерска документација со која ќе овозможи конкуренцијата и недискриминација на економските оператори на пазарот на трудот“. Но, по двата неуспешни обиди, ЕСМ не се обиде да спроведе отворена постапка по третпат според насоките на Комисијата, туку одлучи да испреговара договор.

Односно, државната компанија на 31.8.2022 година, во постапка со преговори без објавување на оглас, повторно склучува договор со „Новоматрикс“, со која всушност склучила договор и во рамки на втората неуспешна постапка, поништена по жалба на друга компанија и одлука на второстепената комисија.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости