ЕСМ купи гас за топланите „Исток“ и „Запад“ до крајот на ноември

by fokus

Топланите Исток и Запад ќе ја имаат потребната количина природен гас за периодот од 16-ти до 30-ти ноември. АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) соопшти дека гасот го купиле од „Макпетрол“ по цена од 1 345 евра за 1 000 нм3.

-АД ЕСМ и натаму ќе продолжи да врши набавки на гас за покуси временски периоди со цел да се искористи финансиската поволност од континуираното намалување на цената на гасот на пазарот. Како што и претходно информиравме, топланите ќе продолжат да работат на природен гас во текот на грејната сезона како основен и најеколошки енергенс за нивно функционирање – велат од АД ЕСМ.

Потсетуваат и дека се уште стои намерата да се тестира користењето на алтернативното гориво дизел, во случај на резерва кога гасот, заради неизвесната ситуација во Европа, би бил недостапен, или пак би се продавал по многу високи цени.

Сепак, од АД ЕСМ тврдат дека тестирањето на дизелот би се реализирало откако би се обезбедиле соодветните дозволи од надлежните институции.

Поврзани новости