Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски изрази задоволство што „Макпетрол“, како домашна компанија, повторно се вклучи во јавниот повик за набавка на гас и понуди најниска фиксна цена. Сега паднаа во вода медиумските обвинувања на наша сметка, нагласи Ковачевски.
Јавниот повик траел од 21 до 24 февруари и се однесувал за испорака на 1.200 MWh до 2.380 MWh количини гас дневно за месец март. „Макпетрол“ даде најниска цена од 60,10 евра за МВч. На повикот имало уште две понуди, „Балкан Утилитиес“ од Бугарија со понуда од 67 евра и бугарската „Актаел“ која дала понуда од 78 евра.
Станува збор за набавка на гас за потребите на топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за други стопански субјекти кои се снабдуваат преку ЕСМ Продажба.
„Ние како АД ЕСМ тоа го поздравуваме и го поддржуваме фактот што Макпетрол одлучи да учествува на повикот, да достави понуда со фиксна цена и да достави најповолна понуда. Во интерес и на државата е домашна компанија да снабдува со природен гас во толку значајни количини, капиталот да останува тука, а добивката да ја дели со своите вработени и акционери.
Овде сакаме да потенцираме дека ЕСМ Продажба и во овој трет по ред јавен повик ги задржа истите услови кои претходно беа критикувани од одредени медиумски субјекти. Тоа што се смени е токму однесувањето на Макпетрол кој овој пат одлучи да даде понуда која ги исполнува условите на повикот и да не бара менување на условите како што ѝ одговара на оваа компанија.
Во јануари и февруари некоректно се тврдеше дека ЕСМ Продажба бара фиксна цена за да фаворизира некоја фирма, односно за да оневозможи друга фирма да конкурира и дека тоа нанесувало штета на државата и на граѓаните. По овој повик и оваа одлука, тие тврдења паѓаат во вода. Овојпат самиот Макпетрол понуди фиксна цена и понуди најниска фиксна цена од сите понудувачи и тоа е добро и за компанијата и за државата.
ЕСМ Продажба во изминатите месеци повеќе пати го повикуваше Макпетрол, и јавно и директно, да учествува и да поднесе понуда и на претходните повици. Но, наместо тоа, тоа што се обидуваше да го направи оваа фирма и нејзините медиумски поддржувачи беше да се обидат да ги сменат условите за јавна набавка на една државна компанија за да удоволат на една приватна фирма. Се вршеше невиден и непримерен притисок кој не остана незабележан и кај најголем дел од јавноста наиде на неодобрување“, рече директорот Васко Ковачевски.