Завршени се сите предвидени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во Општина Центар, со што се нормализира испораката на парно греење до домовите на жителите од оваа општина, информираат од „ЕСМ дистрибуција“.
„Санирањето на дефектот беше сложено, а се работеше помеѓу булеварот ‘Кочо Рацин’, на потегот меѓу ‘Веро Центар’ и Олимписки базен“, се вели во соопштението од „ЕСМ дистрибуција“.
Во тек се активности на полнење на топловодите, со што испораката на топлинската енергија до потрошувачите кои се снабдуваат од тој магистрален вод се нормализира.
„Испораката на топлинска енергија се обезбедува стабилно и непрекинато за сите потрошувачи во Општина Центар“, соопштија од ЕСМ.
Ако им се потребни дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.