Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, утре доаѓа во посета на Скопје. Тој во земјава ќе биде до петок за кога се предвидени најголем дел од средбите со неговите соговорници, меѓу кои и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Посетата на Ескобар доаѓа по отпочнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени за внесување и на Бугарите во Уставот.
Познато е дека дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“ и дека по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот, Талат Џафери, гласасњето го одложи до обезбедување двотретинско мнозинство.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Кичево изјави дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за опозициски пратеници да гласаат за уставните измени.
Неколку часа претходно американската амбасадорка Анџела Агелер, повтори дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и дека сите политичари во земјата треба да работат на остварување на таа цел.
Во јули годинава Ескобар изјави дека американската администрација работи со властите во Софија за Бугарија да не испорачува нови услови и барања откако Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори.