Нема никого да подложам на тортура овде, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Тој ова го кажа во одговор на новинарско прашање како ќе ги коментира изјавите од претседателот на на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека Светот и Европа подготуваат притисоци и тортура за да ги убедат да гласаат за уставните измени.
„Нема никого да го подложувам на тортура овде. САД не избира влади за земјите на НАТО. Но, поставуваме очекувања и единствената работа за која ќе зборувам е да ја дадам истата порака која ја ширам во регионот, е дека САД ги гледа како природни партнери, оние коие се посветени на ЕУ интеграциите, на НАТО и на борбата против корупцијата. Сакам тоа јасно да го посочам. Но, исто така сакам да слушнам и да има отворена размена на гледишта. Се надевам дека ќе имаме повеќе по состанокот да и кажеме на јавноста“, изјави Ескобар, на заедничката пресконференција со премиерот Димитар Ковачевски.
Ескобар од вчера е во дводневна посета на Македонија. Тој вчера се сретна со претседателот Стево Пендаровски, утрово имаше состанок со премиерот Ковачевски, а за пладне е најавена средба со Мицкоски.
Тој посетата на Македонија и регионот ја најави по отпочнување на процесот за уставни измени, кој запре, бидејќи власта немаше обезбедно двотретинско мнозинство за носење на предлог амандманите.
На новинарско прашање како ќе го коментира процесот на уставни измени кои почнаа во Собранието, Ескобар рече дека му е мило што почнал процесот, бидејќи САД сакаат да ја видат Северна МАкедонија во ЕУ.
„Вие сте член на евроатлантската заедница така што сакаме да имте блиско учество во сите тие структури. Мило ми е што почна процесот и се надевам дека ќе продолжи“, рече Ескобар.