Ескобар: Курти има два дена да одговори на барањата

by Fokus

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар денес изјави дека косовскиот премиер Аљбин Курти има два дена да одговори на барањата што му беа упатени на средбата и најави дека до петок заедно со претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, тој ќе извести дали има напредок или не, јавуваат српските медиуми.

Ескобар пред новинарите зборуваше и за членот седум од Охридскиот договор, формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство, наведувајќи дека Курти има план за Заедницата, но го крие, пренесува„ Косово онлајн“.

Тој не откри дали нацрт-статутот на Заедницата е изготвен од Косово или од Европската Унија, но нагласи дека нацртот постои и се крие.

Заедницата на српски општини според Ескобар претставува начин да се отстрани контролата што Србија ја има врз Северот и да се стави под контрола на Косово.

„Според вашиот устав, според вашата правна структура. Сметам дека е можност да се оди напред, не разбирам зошто некој би го сфатил поинаку бидејќи Заедницата, на крајот на краиштата, иако се преговараше меѓу Србија и Косово, не е нужно отстапка за Србија. Ова е признавање на потребите на малцинската заедница“, изјави Ескобар.

Во обид да се деескалираат тензиите на северот што избувнаа на 26 мај кога косовскиот премиер го игнорираше несогласувањето на меѓународната заедница и кога специјалните полициски единици окупираа три општински згради, Ескобар и неговиот европски колега Мирослав Лајчак вчера пристигнаа во Приштина. Тие во моментов се на пат за Белград, каде на истата тема ќе разговараат со српскиот претседател.

Поврзани новости