Габриел Ескобар – специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан денеска изјави дека договорот постигнат во Охрид пред два дена е чекор кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и дека е правно обврзувачки, иако не е потпишан.
Тој на онлајн прес-конференција рече дека е потребна голема храброст и визија од српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти за да се стигне до таму.
„Овој договор е правно обврзувачки за двете страни. Иако не е потпишан, тоа е договор во секоја смисла“ рече Ескобар.
Според него, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, јасно стави до знаење дека страните се обврзале и дека спроведувањето на договорот ќе влијае на европскиот пат на двете страни.
„Договорот е пат кон помирување на Србија и Косово. Важно е да разјасниме како ќе постапат двете страни. Имплементацијата мора да почне веднаш и двете страни ќе имаат корист од тоа. Сметам дека најважни се евроатлантските интеграции. Ќе направиме напредок само ако договорот почне да се применува што е можно поскоро“ порача тој.