Пандемијата на коронавирус не стивнува, како во светот, така и на Балканот. Земјите во регионот бележат висок број на заразени и починати од коронавирус, а некои воведуваат нови мерки, пишува Нова. Неколку илјади новозаразени, случаи со деца на респиратори и рекорди во смртност бележат скоро сите наши соседи. Повеќето од земјите имаат под 40 отсто вакцинирано население.
Поради наглото влошување на епидемиолошката состојба, словенечката влада одлучи да воведе построги рестриктивни мерки кои ќе стапат на сила од понеделник, а не се исклучуваат и нови мерки доколку продолжат досегашните негативни трендови.
– Епидемиолошката слика е лоша, се движиме кон најлошата состојба во епидемијата досега. Доколку ситуацијата не се промени и ако бројот на хоспитализирани на интензивна нега поради ковид-19 се зголеми на 160 до 180 (моментално ги има 133), тоа би значело можно затворање на делови од општеството – вели министерот за здравство Јанез Поклукар.
Поклукар предупредува дека, со трендот во кој има 3.000 или 4.000 новозаразени лица дневно, во Словенија, последниот момент е „да се спречи Бергамо и колапс на здравствениот систем“.
Од понеделник сите ученици и студенти кои се „самотестираат“ за да можат да посетуваат настава, тоа во иднина наместо еднаш ќе треба да го прават два пати неделно.
Уште повеќе, од понеделник земјата ќе воведе редовни задолжителни тестови во здравствените и социјалните установи, а маски ќе треба да носат и вакцинираните, доколку се во директен контакт со други лица.
ШЕСТ ДЕЦА НА РЕСПИРАТОР ВО СРБИЈА
Во Србија во моментов шест деца се приклучени на респиратор и се борат за живот. Меѓу нив има и три бебиња. Децата сè повеќе стојат во редовите пред ковид-амбулантите. Некои од нив завршуваат на респиратор. Не се поштедени ниту бебињата. Во „Тиршова“ на респиратор лежат две бебиња, заразени на петтиот или десеттиот ден од животот, пренесува Н1.
Во Институтот за мајка и дете, шестмесечно бебе и уште три деца на возраст од 7, 16 и 17 години се на респиратор. Загрижувачки се и бројките на заразени деца. Само во Ниш само вчера ги имаше седумдесет.
Од последниот пресек на состојбата во Србија, тестирани се 23.474 лица за коронавирус, од кои 6.697 се позитивни. На респиратори има 275 пациенти. Вкупно 6.792 лица се хоспитализирани. Од почетокот на епидемијата, во Србија официјално се потврдени 1.125.602 случаи на заразени.
Стапката на смртност е 0,87 отсто.
ХРВАТСКА ПОВРОТНО ЈА ОТВОРА ЗАГРЕБСКАТА АРЕНА ЗА БОЛНИ ОД КОВИД
Поради влошување на епидемиолошката состојба во Хрватска, се подготвува повторно отворање на Загребската Арена за мешавината на заболени од коронавирус, соопшти министерот за здравство Вили Берош на денешната владина седница.
– Во петокот се регистрирани 4.154 нови случаи на заразени. Уделот на новозаразени за 24 часа е 33,77 отсто. Во болницата има 1.321 лице, а на 160 пациенти им е потребна респираторна помош – рече Берош.
Министерот рече дека вчера е одржан состанок на експертската група на Министерството за здравство и дека е констатирано дека пополнетоста на болниците во Загреб е висока и дека треба да се зголеми бројот на кревети на интензивна нега.
– Продолжува трендот од 75 отсто невакцинирани кај заболените, хоспитализираните и починатите. Здравствениот систем се подготвува за нови оптоварувања. „Со достапните вакцини и јасни правила, можеме да избегнеме многу хоспитализации – рече Берош.
Тој додаде дека повеќе од 80 отсто од лекарите се вакцинирани.
ЦРНА ГОРА НА ШЕСТО МЕСТО ВО ЕВРОПА
Во Црна Гора за викендот забележани се 499 нови случаи со коронавирусот, а пет починати. Меѓу починатите најмладиот имал 61, а најстариот 100 години, пренесува Vijesti.me. Црна Гора беше меѓу една од првите земји која воведе ковид-потврди и ги забрани забавите на отворено.
Црна Гора минатата недела беше на шестото место во Европа по бројот на новозаразени со коронавирус, меѓу 52 европски земји, додека сè уште е прва по бројот на заразени вкупно на 100.000 жители од почетокот на пандемијата. Според податоците на статистичките центри, Црна Гора е на четврто место во регионот со 38,5 отсто од вакцинирано население – подобри резултати имаат Словенија, Хрватска и Србија, а процент помалку вакцинирале Северна Македонија и Косово – 37 отсто.
Во Албанија помалку од една третина од граѓаните биле вакцинирани, 30 отсто, а во Босна и Херцеговина само 15 отсто, објави „Вијести“.
Кај нашиот источен сосед, само 21 отсто од населението ги примило двете дози од вакцината против ковид-19, што ги прави најмалку вакцинирани во регионот.
Во петокот, во Босна и Херцеговина се регистрирани 819 нови случаи на коронавирус од 3.747 тестирани. Во истиот период регистрирани се 26 смртни случаи кај пациенти кои претходно биле тестирани за коронавирус, пренесува Klix.ba.
Од последниот извештај за епидемиолошката состојба во Република Српска, во последните 24 часа коронавирусот е потврден кај 329 лица, а починале 11 лица.