Мартовските плати им се исплатени на функционерите, а во нив е пресметано и зголемувањето согласно одлуката на Уставниот суд. Први кои добија повисоки плати се пратениците, но зголемувањето е пресметано за последните осум дена од март, од кога е донесена одлуката на уставните судии. Според груби пресметки, на нивните сметки легнале плус 16.000 денари.
Груби пресметки говорат дека следниот месец 2.258 евра би требало да легнат на сметките на претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
На пратениците би требало да им се пресмета плата од околу 1.800 евра од следниот месец, зависно од коефициентот и стажот кој го имаат.
Министрите, пак, би требало од следниот месец да имаат 1860 евра, а исто толку би добивале и обвинителите. Повторно, во зависност од коефициентот и стажот.
Иако од Владата најавија дека ќе се носи законско решение со кое ќе се намалува основицата, изјавите на владините функционери полека омекнуваат. Премиерот Ковачевски денеска рече дека со ова зголемување во буџетот, на некој начин, се заштедени пари бидејќи можело да биде полошо.
-Доколку Уставен ги поништеше, а не ги укина членовите, тоа ќе значеше дека на сите функционери во изминатите 11 години ќе требаше да им се исплатат разликите на плата со камата што ќе беше трошок за Буџетот од 100 милиони евра – рече тој.
Со одлуката на Уставниот суд како основица за пресметка на функционерските плати се зема просечната бруто плата исплатена минатата година, што во случајов е 47.700 денари.