Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека донел одлука за разрешување на сите претседатели на општински ограноци на СДСМ.
-Синоќа донесов одлуки, а денеска е ред да ги споделам – ќе бидат изработени решенија од страна на администрацијата на СДСМ и во текот на денов ќе ги потпишам решенијата. Одлуката е – се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на СДСМ. Сакам да им се заблагодарам на сите за активноста, работата, служењето на граѓаните, како претставници на локално ниво на најголемата владејачка партија, на сите претседатели на оние општински организации каде се победи на изборите. Апелирам да бидат повторно кандидати, нека се кандидираат на следниот конкурс кој уште идната седмица ќе биде објавен во постапка, изјави Заев по работниот појадок со бизнисмените што се одржа во хотелот Хилтон.
Премиерот појасни дека како што ќе ги носат одлуките така ќе ги објавуваат преку медиумите и ќе ги информираат граѓаните.
-Почетокот на јуни или првата половина на јуни ќе се случуваат промените во општествениот сектор, тоа се јавните претпријатија, министерствата, Владата и сите владини институции. Во политичкиот дел во мојата партија каде јас сум директно надлежен, а тоа е во изборот на претседатели на општински организации, одлуката веќе ја донесов и синоќа ја соопштив на координација на колегите од раководството заради тоа што тоа е мое право, конечната одлука е токму таа, рече Заев.
Тој информира дека разрешувањата се во вкупно 78 општински организации. Органите и телата на СДСМ веднаш ќе донесат одлука за отпочнување постапка за избор на нови раководства.