Премиерот Зоран Заев, и еврокомесарот Јоханес Хан, на прес конференција по денешната средба се осврнаа и на случајот „Рекет“ за кој веќе е покрената истражна постапка. При тоа Заев и Хан порачаа дека никој не смее да биде амнестиран и дека истрагата треба да продолжи без разлика дали ќе води кон обвинители или политичари.
-Во врска со актуелните настани сведочиме на одлучна и бескомпромисна борба против високиот криминал и корупцијата. Пораката е дека никој нема да биде привилегиран и амнестиран, го охрабрувам јавното обвинителство да ја продолжи постапката за „рекет“ без разлика до кого ќе стигне. Дефинитивно конкретниот случај на борба против криминалот и корупцијата, случајот „рекет“, незаконската продажба на тутун, шпанските скали, покажуваат одлучна и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, без разлика дали ќе водат кон обвинител, политичар, или газда на медиум, никој не може да биде изземен пред законот – рече Заев.
Хан при тоа порача дека сите партии и државни тела треба да покажат нула толеранција на корупцијата и да му дозволат на владеењето на правото да преовлада.
-Дојдов да дискутирам за реформите со политичките лидери, владеењето на правото, независното судство и потребата за одговорност, би сакал да го потенцирам ова особено во поглед на последните настани – рече Хан.
Во врска со идниот статус на СЈО, Заев рече дека очекува до крајот на месецов да се постигне политички консензус за Законот за јавно обвинителство, а од почетокот на септември Законот да се изгласа во Собранието.