Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, не дојде денеска на договорената средба со премиерот, Зоран Заев, каде требаше да се разговара за консензуален кандидат за претседател кој би бил поддржан од Алијансата. Села одбил да се појави поради тоа што на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој е од редовите на Алијансата, му беа одземени надлежностите во образованието. Одлуката ја донесе Министерството за образование, предводено од Арбер Адеми, кадар на ДУИ.
Заев денеска изјави дека Села ја одложил средбата во знак на револт. Заев остава простор за натамошна комуникација и, како што вели, го разбира револтот, но законите мора да се спроведуваат.
– Се слушнав со господинот Зијадин Села. Во знак на револт поради одземани надлежности во образованието на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари од страна на Министерството за образование тој ја откажа средбата. Се надевам, оставивме простор за комункација заради тоа што тоа е вредно. Јас работам и со самото Министерство, законите мора да се спроведат секако, да ги гледаме позитивните основи на самите закони – изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања, по пуштање во употреба на новата сала за јавни услуги од повеќе институции.
Тој додаде дека како поранешен градоначалник е свесен што значи одземањето на надлежностите на која било општина без оглед дали е тоа Струга, Куманово, Гостивар, и најави дека ќе се бара решение на заедничка средба со градоначалникот на Гостивар и министерот за образование.
– Го сфаќам револтот, драго ми е што се слушнавме со Зијадин Села и веројатно ќе најдеме друг начин на комуникација која што ќе конвергира кон оваа важна одлука за државата. Останувам оптимист. Не можам да кажам дали сум сигурен заради тоа што допрва следуваат одлуки на органи и тела на политичките субјекти со кои се сретнав и со кои ќе се среќавам, изјави Заев, посочувајќи дека очекува позтивен потик за целиот процес и на утрешната средба со Билал Касами од БЕСА.