По предупредувањата од Русија дека ќе има негативни последици доколку Македонија стане членка на НАТО, премиерот, Зоран Заев, вчера одговори дека тоа е повеќегодишна аспирација, поддржана од граѓаните.
-Интеграцијата на Република во Македонија во НАТО е наша стратешка определба и не е во спротивност со унапредување на соработката со Руската Федерација, изјави вчера премиерот Зоран Заев.
Како што рече тој, уште од 1993 година со заедничка декларација во Парламентот, Македонија ги има потврдено своите стратешки приоритети.
-Тоа се ЕУ и НАТО интеграциите, што е и определба на огромното мнозинство над 75 проценти од граѓани на РМ. Интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО е многу важно за Македонија, но и за целиот регион. Од тој аспект можам да тврдам дека таа е повеќедецениска аспирација на граѓаните на РМ, нешто кон кое се тежнее, кое го посакуваме, кое е важно и за стабилноста и безбедноста на Македонија, но и на целиот регион – изјави Заев.
Претходно од руското МНР соопштија дека членството на Македонија може да ја наруши регионалната безбедност и за билатералните односи меѓу двете држави.
Ова на македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов, му го посочил рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко на вчерашната средба во руското МНР.
„На средбата беа разменети мислења за ситуацијата на Балканот. Од руска страна беа подвлечени негативните последици за регионалната безбедност и билатералните односи од плановите за присоединување на Македонија во НАТО“, пишува во соопштението на МНР на Русија.