Премиерот, Зоран Заев, на денешната лидерска средба ќе понуди техничка влада со пржински модел доколку неговиот опонент, Христијан Мицкоски, даде гаранции дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го бојкотира референдумот.
Како што дознава „Дојче веле“ од владејачкото мнозинство СДСМ е подготвена да се согласи на законски измени со кои следните избори ќе се спроведуваат со техничка влада целосно идентична на моделот на „пржинската“. За возврат ВМРО-ДПМНЕ треба да даде гаранции дека јавно ќе ги повика граѓаните да излезат на рефрендумско изјаснување, со цел да се постигне неопходниот цензус.
Според истите извори, она што СДСМ сигурно нема да го прифати, е барањето за индиректна амнестија, кое се наметнало откако ВМРО ДПМНЕ доставила предлози за измена на Кривичниот законик во членот 353 за намалување на казните за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Доколку тоа барање се прифати, лица опфатени во дури 11 предмети на СЈО би биле автоматски амнестирани. Таква отстапка би значела уривање на правната држава, промовирање на неказнивост за дела од висок политички профил, охрабрување на криминалот, и што е недозволиво – ќе предизвика огромно разочарување кај граѓаните кои очекуваат сите да бидат еднакви пред законот. Таква отстапка, СДСМ не може, не смее, и нема мандат да направи“, објаснуваат од владејачкото мнозинство.