Вработен во прилепската „Композитна опрема“ лажно се претставил како управител и склучил штетни договори

by fokus

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство во Прилеп поднесе кривична пријава против Т. Д (46) од охридското село Велгошти, вработен во КОМПОЗИТНА ОПРЕМА ДООЕЛ Прилеп, заради постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела „лажно претставување“ и „фалсификување исправа“.

Како што соопшти МВР, пријавениот со намера за себе и за друг да прибави противправна имотна корист, лажно прикажал односно се претставил дека е управител на фирмата и во такво лажно својство склучил два писмени договори со фирмата Ројал Логистик Интернационал ДООЕЛ Скопје, каде предмет на договор била купопродажба на 1.300 транспортни торби и 630 конфекциски елеци со додатоци, за што е овластен само управителот, со што прибавил за себе, а на штета на фирмата, сума од 7.833.375 денари, а дополнително ќе се утврди штета за вториот договор.

Лицето И.С. поранешен управител на фирмата Композитна Опрема ДООЕЛ Прилеп на ден 31.10.2017 година поднесол неотповиклива оставка, која на 05.12.2017 била внесена и спроведена во Централен Регистер на РМ со Решение, а притоа доставил писмено барање со кое бара стечајниот управник да донесе одлука за промена на управител на фирмата и да го именува пријавениот Т.Д за управител.

– И.С. исто така на ден 06.09.2017 во својство на управител на фирмата донесол Одлука со која го овластил пријавениот, да ги презема сите активности во име и за сметка на фирмата за период од 11.09.2017 – 13.10.2017, и во таа одлука било предвидено И.С да ги врати печатот и штембилот од Друштвото и истите да ги задолжи пријавениот. И покрај барањето, Управител на фирмата бил назначен дури на 03.05.2018 година, се наведува во соопштението од МВР.

Констатирано е дека истиот во својство на Управител на фирмата Ројал Логистик Интернационал ДООЕЛ Скопје никогаш не склучил купопродажни договори со Композитна Опрема Прилеп. Во моментот на склучување на договорите на 01.12.2017 и 20.12.2017 година сопственик и управител на споменатата фирма било лицето В.Д. – син на пријавениот, што укажува на сомнение дека се работи за фалсификуван потпис односно за изработка на исправа со невистинита содржина.

Меѓу останатото, како што е наведено во соопштението, фирмата Ројал Логистик Интернационал Скопје не е регистрирана за производствена дејност, туку приоритетна дејност и е трговија на големо со делови и прибор за моторни возила и поправка на останата опрема т.е наместо да ги изработи, фирмата извршила набавка од трговската мрежа (увоз од странство преку царински склад), а не ги изработила предметите на договорот. Исто така, вредноста на увезените предмети по договорите пријавениот повеќекратно во зголемен износ ја фактурирал на сметка на фирмата во која е вработен, а за која лажно се претставувал дека е управител, со што се стекнал со противправна имотна корист, а на штета на Композитна Опрема ДООЕЛ Прилеп.

Причинетата штета се однесува и на фактот што фирмата Композитна Опрема ДООЕЛ Прилеп е овластен увозник и нема никаква потреба од набавки преку вакви фирми како посредници.

Поврзани новости