ВО ЖИВО Апостолската посета на Папата Франциск во Северна Македонија

by fokus

Следете ја во живо Апостолската посета на Папата Франциск во Република Северна Македонија.

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, изутринава пристигна на аеродромот во Скопје. Папата на аеродромот официјално беше пречекан од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, по што се упатија кон претседателската вила Водно каде што ќе се одржи официјална церемонија, а тој ќе има обраќање пред државните власти, граѓанското општество и дипломатскиот кор.

Папата потоа ќе има средба и со верските лидери во Спoмен куќата на Мајка Тереза.

На плоштадот „Македонија“ поглаварот на Римокатоличката црква ќе отслужи Света литургија на која се очекува да присуствуваат повеќе од 15 илјади граѓани од земјава, но и високи гости, верници и странски државјани, пред се од поширокото соседство.

По литургијата папата ќе одржи екуменска и меѓурелигиска средба со младите во Католичката црква, а потоа и со свештениците и нивните семејства.

Посетата на папата Франциск, се оценува како историски чин, а се реализира во исклучително важен период за земјава, кога исчекорува по патот на европските и евроатлантските интеграции, ја зацврствува внатрешната кохезија и носи пораки за помирување и солидарност.

Поради посетата на папата во Скопје денеска има посебен безбедносен и сообраќаен режим.

Поврзани новости