Нонпејперот од европските државници како меур од сапуница ги распрсна лажните надежи и ветувања до граѓаните од Зоран Заев и Радмила Шекеринска за евроатлански интеграции како велеа, најдоцна за 6 месеци!, изјави денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нонпејперот го прикажа вистинското светло на лажната Кристално чистата препорака за отворање на европските преговори! Нонпејперот и реакцијата на власта по него, ја покажа вистинската игра- дека оваа „ЌЕ влада“ евоатланските интеграции ги сведува само на распродажба на македонските национални и државни интереси. Нонпејперот ги затвори устите полни со Извештајот на Рајнхард Прибе на актуелната власт! Нема реформи, туку само партизација и злоупотреба на системот. Европската Унија гледа што се случува во Македонија и образложенијата „ВМРО е виновно за се” кои ги пласираат, веќе не минуваат. Од ЕУ чекаат реализација на реформите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека документот е доказ дека ниту Заев ниту оваа екипа околу него нема капацитет да ги направи суштинските реформи.
Единствено поле каде што се бележат прогрес е корупцијата која расте и се институционализира. И Европските лидери го посочуваат дека оваа “ЌЕ Влада” нема намера да го реформира правосудниот систем. Реформи кои нема да дозволат судство за политички монтирани случаи. Реформи против селективно судство кои имаат за цел владеачкиот картел да го заштитат, а сите други кои не размислуваат како нив да ги изложат на политички мотивиран прогон“, порачаа од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ прашува каде е разрешницата и за случајот со двајцата членови на влада за кои пред 7 месеци се обелодени дека биле осомничени за корупција.
„Тоа само говори дека оние што се корумпирани, или сомничени за корупција сеуште се на високи државни функции и делото го повторуваат без да бидат санкционирани. Зоран Заев и неговата свита прокоцкаа цела година на граѓаните и на Република Македонија. Европската Унија гледа што се случува во Македонија и образложенијата веќе не им минуваат. Франција, Холандија, Данска но и другите европски држави не се непријатели на Македонија и не измислуваат. Критиките кои тие ги упатуваат во нон пејперот беа содржани и во извештајот, но за жал ретко кој во медиумите и во експертската јавност имаше храброст и капацитет да ги види и да укаже за истите. Затоа истите критики сега ги гледаме и во овој европски документ“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.