Шестмина туристи починаа и најмалку 30 лица се повредени во бурата што вчера беснееше на Халкидики. Меѓу загинатите се пар од Чешка, мајка и дете од Романија и татко и дете од Русија.
Вчера во Грција беше прогласена вонредна состојба и над 100 спасители беа пратени на терен. Властите во Атина ја опишуваат бурата како непредвилив феномен, пренесе BBC.
На невремето му претходеа многу високи температури кои се искачуваа до 37 степени.
Фотографиите од Халкидики покажуваат откорнати дрва, превртени автомобили и оштетени згради.
Туристи раскажуваат дека биле на плажа кога ги затекнала бурата.
„Буквално дојде од никаде. Снема струја, беше хаос, луѓе почнаа да трчаат и да врискаат обидувајќи се да тргнат од плажата – вели британски турист.
Снабдувањето со електрична енергија во најпогодените места е прекинато, а во дел од ресортите нема ниту вода.
Очевидци велат дека бурата траела само дваесетина минути, но дека била разорна.
Жена од Романија и нејзиното дете починале откако врз нив паднал покривот од ресторанот каде се засолниле, додека маж од Русија и неговиот син загинале од паднато дрво во близина на хотелот каде отседнале.