Од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ објавија фотографии снимени во Струмица од кои се гледа дека куче е врзано за автомобил во движење. Според Здружението, наводно, познат струмички доктор го врзал малото кутре за својот автомобил и го влечел додека не умрело.
„Станува збор за доктор Зелеников од Струмица, со возило регистарска ознака SR 925AI Настанот е пријавен во полиција од страна на локални граѓани, напоредно ние ќе поднесеме кривична пријава како и пријава согласно законот за заштита и благосостојба на животните и инсистираме најстрога кривична казна – казна затвор за овој монструм, како и парична казна согласно законот за заштита на животните“, велат од здружението.
Од таму додаваат дека кутрето умрело задавено поради ѕверското постапување. Од „Анима мунди“ бараат институциите да постапат во случајот затоа што нивното игнорирање на ваквите злоставувања, придонесува за нивно повторување.
„Бараме најитно да се разгледа потребата од полиција за животни или наменска служба за превенција/евиденција/санкција на насилството врз животните затоа што тоа е растечки феномен и сериозна девијација во Република Македонија!“, апелираат од таму.