Весковски: Фонтаните од „Скопје 2014“ се скапа играчка, но сепак ќе функционираат

by fokus

Интервју со Душко Весковски, директор на Јавното претпријатие“ Водовод и канализација”

ФОКУС: Во последно време бевте актуелни со фонтаните, дали накратко може да ја образложите ситуацијата со која вие се соочивте за да го решите овој проблем?

ВЕСКОВСКИ: Oд оваа година за прв пат оджувањето на фонтаните во централното градско подрачје, односно фонтаните од проектот “Скопје 2014” припадна на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Голем дел од овие фонтани не функционираа онака како што тоа беше потребно но за краток временски период ги приспособивме и пуштивме во употреба. Сите фонтани кои ги добивме под наша надлежност од градот Скопје се скапи за одржување и со специфичен тип на  механизм вградени во нив. Добивавме критики зошто фонтаните не биле пуштени веднаш во употреба ,но тоа се должи на периодот на посетата на папата на Скопје, каде што од безбедносни причини истите не беа пуштени па потоа имаше период на невреме кое го зафати главниот град така што веднаш  после ова почнавме со оспособување и пуштање во употреба на  сите фонтани во централното градско подрачје.

Со оглед на тоа дека ЈП Водовод и Канализација – Скопје нема претходно искуство со одржување на ваков тип на фонтани, а претпријатието не е регистрирано за таква дејност ние моравме да распишеме тендер за одржување на фонтаните каде се предвидени сите трошоци за нивно одржување што не значи дека истите односно сите ќе бидат искористени. Тука се предвидени и резервни делови во случај некој дел да се расипе ние мораме да имаме предвидено средства за негова замена. Имаше и одредени шпекулации дека цената за одржување на фонтаните е висока, затоа сакам да истакнам дека низ транспарентна јавна постапка е избрана фирма за одржување на фонтаните. “Скопје 2014” е скапа играчка, а ние како одговорни за нивно одржување во иднина нема да се доведуваме во ситуација граѓаните да не критикуваат за нивнотот нефункционирање.

ЈП Водовод и канализација – Скопје има во план да се формира посебен сектор за одржување на фонтаните на територијата на Град Скопје, и тоа да го работи само нашето јавно претпријатие, но за тоа да го направиме пред се треба да оспособиме кадар и да најдеме ресурси со кои што непречено би можеле да работиме и да ги одржуваме сите фонтани.

ФОКУС: Во периодот од една година како раководите со ова јавно претпријатие кoи се најзначајните спроведени проекти?

ВЕСКОВСКИ: Како поважни проекти во изминатава година и половина откако сум на чело на претпријатието би ги издвоил новите водоводни мрежи (изградени и реконструирани) во должина од речиси 24 км, исто така изградивме и реконструиравме фекална и атмосферска канализациона мрежа од речиси 21 км но како една од поважните активности во изминатиов период би ја издвоил реконструкцијата на водоводната цевка ф700 со нова Ф800 во Кисела вода, потоа новата атмосферска канализација со ф500 во должина од 410 метри долж бул. 8 Септември, поставувањето на првата автоматска решетка за отпад која директно ќе влијае во намалувањето на загадувањето на реката Вардар и секако новата линија за водоснабдување на бул. Србија во Кисела Вода, Ф400 во должина од 450 метри која ќе го намали бројот на дефекти и ќе го реши проблемот со високата зона во Аеродром. Еден од поголемите и најпозитивни проекти кој би сакал да го потенцирам е ангажирањето на израелската компанијата „Јутилис“ (Utilis) за сателитско снимање и мапирање на сите дефекти во главниот град со чија помош откривме и саниравме многу дефекти кои не беа видливи со голо око.

ФОКУС: Идни планови и проекти за претпријатието?

ВЕСКОВСКИ: Моментално работиме на голем проект, односно новата пречистителна станица во Трубарево. Со неа ќе се обезбедат неколку бенефити кои ќе имаат голема улога во заштита на животната средина. Покрај тоа што ќе обезбедиме пречистување над 80% проценти на водите на територија на Македонија ќе го обезбедиме (исполниме) и европскиот стандарт кој е пречистување на над 75% на водите. Средствата за изградба ќе се обезбедат од ЕУ фондови и од средства на државата. Друг проект на кој работиме е дека наскоро ЈП Водовод и канализација – Скопје ќе стане првото, а можеби и единствено јавно претпријатие во државава кое ќе биде “Environmentfriendly” односно прво претпријатие кое покрај тоа што користи рециклирана (биоразградлива) хартија за внатрешна и надворешна употреба, од септември ќе започне со испорака на ребрендирани сметки од рециклирана хартија. Тоа ќе биде наш мал придонес за животната средина но се надевам и пример кој ќе го следат останатите. Секако како и до сега продолжуваме и со истата динамика на изградба и реконструкција на водоводна и канализациона мрежа.

ФОКУС: Дали ќе пораснат цените на водата во идниот период?

ВЕСКОВСКИ: Засега не е планирано поскапување на цената на водата. Ние во иднина ќе ги носиме нашите одлуки согласно европските насоки, регулативи и потреби.  Се разбира дека доколку има потреба и оправданост за тоа во иднина граѓаните ќе бидат навремено известени и информирани за одредени корекции на цената на водата.

ФОКУС: Граѓаните постојано се жалат на квалитетот на водата, дали може да ги објасните заблудите и вистините кои постојат во врска со оваа проблематика.

ВЕСКОВСКИ: Повеќе пати сум зборувал на оваа тема, но пак ќе потврдам дека квалитетот на водата во Град Скопје е на највисоко ниво, и нема простор за грижа. Центарот за санитарна контрола во надлежност на ЈП Водовод и каналазација – Скопје постојано го проверува квалитетот на водата, а се спроведуваат и периодични анализи на 21 мерно место во околината на Скопје, селата, изворите Лепенец и Нерези, а се следи и емисијата на комуналните и индустриските отпадни води. Секој граѓанин кој смета дека има проблем со водата за пиење, во секој момент може да ги алармира дежурните служби, кои веднаш излегуваат на терен и земаат мостра за анализа на евентуалната загаденост.

 

Поврзани новости