Пет отсто од управувачките структури во јавните претпријатија се со средно образование. Но, во нив може да се најдат и лица што завршиле само основно училиште: двајца членови во управниот одбор на јавно претпријатие во Маврово-Ростуше и еден во претпријатие во Центар Жупа, покажува анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје.
Анализата се темели на биографии од директорите и членови на управни и надзорни одбори добиени преку правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Опфатени се 1.206 членови на управувачките структури во државните претпријатија.
Од анализата на биографиите може да се согледа дека 5% од управувачките структури се со средно образование или 2% од директорите и 7% од членовите на надзорните одбори. Ова не е согласно законските критериуми каде високото образование е задолжително.
Околу половина од именуваните лица немале искуство во областа на работата на институциите или пак тоа искуство е до пет години.
„Тоа што е интересно е дека во надзорните одбори, каде пред се би требало да членуваат луѓе со правна и финансиска позадина, има 22% технички лица, 12% од општествени науки и 4% со студии од уметност или хуманистички науки“, стои во анализата.
Бидејќи надзорните одбори имаат функција да го надгледуваат материјалното и финансиско работење на институциите, авторите на анализата посочуваат дека поради ова се доведува под знак прашање колкав е капацитетот на надзорните одбори соодветно да ги исполнуваат своите надлежности.
Според Институтот за демократија, само 2 проценти од управувачките структури се жени што е во спротивност со политиките за промоција на родова еднаквост.