Реизбраниот директор на Македонската радио телевизија, Марјан Цветковски, шест години додека бил на функција на оваа позиција не го пријавил својот имот во Комисијата за спречување на корупција, иако има законска обврска да го направи тоа.
Пропустот од страна на Цветковски, но и од страна на Комисија, која шест години не реагирала, ја потврдија од таму за „Призма“.
Цветковски за „Призма“ рекол дека дури сега, после шест години, ќе поднесе анкетен лист до Комисијата, поттикнат од прашањето на новинарите.
-Кога бев назначен, ми рекоа дека ниту еден директор не поднесувал анкетен лист, па не поднесовме ниту јас, ниту заменикот. Ќе го сторам тоа веднаш, впрочем немам ни што да кријам, мојот имот е ист, не е зголемен откако сум на функцијата – изјави Цветковски за БИРН.
Законот за спречување на корупцијата предвидува дека секој избран и именуван функционер има обврска да поднесе анкетен лист за имотот што го поседува тој и членовите на семејството со кое живее во исто домаќинство 30 дена откако ќе стапи на функцијата и 30 дена откако ќе си замине од истата. За неподнесување анкетен лист, казните се прекршочни.