Малиот планинар од Неготино, Ване Бошев, кој во септември ќе тргне во шесто одделение, летниот распуст го поминувал во подготовки за освојување на планинските врвови во Италија. Цел тим од професионалци работел напорно со него, и за неколку дена тој заминува во Италија.
Неговиот татко, планинарот Орданчо Бошев вели дека Ване успешно ги поминал сите подготовки и како се радува на новиот планинарски подвиг.
-Годинава се решивме да ги правиме подготовките на нашите планини и врвови, и се совладуваше надморска висина од 1.000 до 1.200 метри. По сите подготовки, на Ване му се зголеми издржливоста на доста повисоко ниво, и тој е многу добро подготвен. Само од месец јануари до месец јуни се искачи на 18 врвови, помеѓу кои Орле, Пелистер, Широко стапало, Титов врв, Магаро, Црн камен… Годинава, како и до сега, за техничките искачувања на Ване беше задолжен Александар Кленов, за искачување на врвови – Магдалена Климова од Охрид, а за психо – физички совети, Здравко Дејановиќ – раскажува гордиот татко.
Тој додава дека верува во подготвеноста на Ване за наредниот подвиг, освојување на врвот Мормулада на 3.347 метри надморска височина во Италија, а потоа и на врвот Гран Парадизо на Алпите, на 4.061 метар надморска височина.
-За неколку дена заминуваме во нови подвизи. Ване е одлично подготвен за искачувањата во Италија, првин на Доломити со врвот Мормулада, а веднаш потоа на Алпите, на Гран Парадизо.
За оваа тура, клубот, но и јас како родител довербата му ја дадовме на познатиот српски високо горски водич Зоран Павловиќ од Предејане и на неговиот помошник Тошо Антов од Осогово, Кочани – раскажува Бошев.
Ване започна да го придружува својот татко на планините со неполни три години. Со своите единаесет години има освоено стотици врвови во земјава и Европа и има освоено голем број на награди и признанија.
Вики Клинчарова