На пратеникот Павле Богоевски, му се заканува минимум една година затворска казна со тоа што потврди дека му овозможил на друг да користи дрога. Богоевски денеска треба да се јави во Јавното обвинителство откако синоќа самоиницијативно се пријави во полициска станица. Според адвокатот, Алексндар Тортевски, обвинителството има основ да покрене постапка со тоа што Богоевски призна дека набавувал масло од канабис.
Сепак, Тортевски вели дека Богоевски непромислено избрзал со признанието, поради што сега ќе мора да сноси одговорност.
Социјалните мрежи се уште вријат со коментари под влијание на објавената аудио снимка, кои го поврзуваат Богоевски со кокаин, иако во снимката никаде не се споменува ниту кокаин ниту грам. Зборот „пола“ што го употребува Богоевски може да значи било што, вели адвокатот.
-Да не истрчаше со статусот, не ќе можеа ништо да докажат против него. Сепак, Павле излезе храбро и, оправдано или не, соопшти во јавноста дека врши кривично дело. Во ваква ситуација да се најдеше мој клиент, немаше да го осудат. Павле можеше да рече дека се работи за пола јагне, или пола прасе. Тој не зборува за грама, туку само вели „пола“ и „спреми го добро“ – вели Тортевски.
Тоа што признава дека се работи за масло од канабист додава адвокатот, е доволна индиција за да го повикаат во Јавното обвинителство.
-Ако пред јавен обвинител го повтори тоа и ако сестра му потврди дека некое време добивала масло од канабис од него, тогаш тоа е веќе сигнал за кривично дело со кое се предвидува минимум една година затворска казна. Отежителна околности е тоа што Павле е пратеник. Како носител на јавна функција има поголема одговорност, има познавање на законите, а треба и да биде пример за останатите граѓани – вели Тортевски.
Според него, поверојатно е дека Богоевски ќе се спогоди со обвинителство и ќе добие само условна казна. Тортевски додава дека треба да се отвори истрага и за објавувањето на разговорот и за таксистот, кој, како што тврди Богоевски, неовластено го снимил разговорот што тој го водел на телефон.
М.В.