Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на рускиот претседател, Владимир Путин, поради воени злосторства во Украина. Но Путин не може да биде испорачан бидејќи Русија не е потписник на Спогодбата со којa е воспоставен Меѓународниот кривичен суд. Од Кремљ изјавија дека Русија не ја признава надлежноста на овој суд и поради тоа одлуките на судот се ништовни во оваа земја.
Познатиот адвокат, со потекло до Битола, Тома Фила, за „Телеграф“ вели дека само државите кои се потписници на Спогодбата имаат обврска да испорачаат осомничени за воени злосторства.
-Но тоа не е можно во овој случај. Единствено што може да се случи е да се повтори српското сценарио како во случајот со Милошевиќ – смета Фила.
Освен налог за апсење на Путин, издаден е и налог за апсење на неговата комесарка за права на децата Марија Алексеевна Лвова-Белова, поради противправна депортација на украински деца.
Според судот „постојат причини да се верува дека секој од осомничените сноси одговорност за воените злосторства како што е противправната депортација на граѓаните на Украина и противправно иселување на жителите на окупираните подрачја во Украина и во Руската Федерација, а на штета на украинските деца.“