Одлуката на владата, првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, да биде координатор за изградбата на Коридорот 8, вреден 1,3 милијарди евра, е само нова задача која се дава на еден од вицепремиерите, во суштина за да се помогнат одредени процеси, иако примарната надлежност за сите овие проекти останува во Министерството за Транспорт, изјави во вечерашното издание на Вин – Вин, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„Ние сме сложни дека искуствата покажуваат дека капиталните инфраструктурни проекти се слаби, дека не се реализираат и треба да се впрегнат сите сили. Нема друга позадина.“ – кажа Битиќи.
Битиќи не смета дека ангажманот на Груби значи дека тоа е партиски проект на ДУИ и дека „отаде Групчин“ за се одлучува Демократската унија за интеграција.
„Ако тоа е проект на ДУИ, тогаш зошто не го направи во времето на ВМРО, туку во владеењето со СДСМ. Откога почна владеењето на СДСМ со ДУИ, приоритет на владата се интересите на граѓаните а не партиските интереси. Затоа велам дека тоа е проект за граѓаните да ги добијат услугите кои ги заслужуваат“ – рече вицепремиерот за економски прашања.
Веројатно живееме во општество во кое покрај агендата што ја имаме заради функцијата која ни е дадеана, некој повеќе, некој помалку ја користи и за политички цели, од партијата од која што доаѓаме, подвлече Битиќи дека тој лично јасно ја разграничува владината функција од партиската.