Стоев пред пекарата да си купам појадок кога кучето дотрча и ме касна, раскажува момче кое настрада од азијатот во Куманово

by Fokus

Се трага по сопственикот на азијатскиот овчар кој вчера нападна и искаса осум лица во центарот на Куманово. Надлежните се сигурни дека кучето има сопственик, бидејќи му биле исечени ушите и опашката.

Четири малолетни лица и четворица возрасни побарале помош во Ургентниот центар во Куманово по нападот на агресивното куче. Тие раскажуваат за теророт што го доживеале, кога кучето неочекувано ги нападнало.

„Стоев пред пекарата да си купам појадок кога кучето дотрча и ме касна за бутината. Не го видов и не очекував. Јас сум најмногу повреден, другите успеаја да избегаат и имаат помали повреди. Кучето дојде од зад грб, не беше провоцирано за да не нападне“, изјави ученик од шесто одделение за КумановоNews.

Неговиот постар другар, ученик во девето одделение го видел кучето навреме и побегнал, но и него го поткачило со забите во пределот на слабината.

„Тоа беше едно големо, бело куче кое имаше каивче. Или избегало од дома или неодамна е пуштено на улица. Малку ме касна, но јас почнав да трчам и успеав да избегам“, раскажува момчето.

Кратко потоа кучето беше заловено од екипа на Ветеринарно – сточарски центар „Тодор Велков“

„Се работи за големо расно куче од расата азијат тешко 72 килограми, со пресечени уши и опашка. Станува збор за чувано куче, кое можеби е подготвувано за борби, а му побегнало на сопственикот или е напуштено“, велат инспекторите.

Општина Куманово поднесе барање до СВР Куманово да се пронајде и да се казни сопственикот на расното кучето

Поврзани новости