Не смееме да си играме со границите, порачуваат жителите на српските села со мнозинско албанско население и на албанските села каде што мнозинство од населението е српско
Новинари на Радио Слободна Европа посетија српски села во Прешево, општина со мнозинско албанско население на југот на Србија, како и албански села на северот на Косово, каде мнозинското население е српско. Тие ги забележаа мислењата на локалните жители за сценаријата за размена на територии, разграничување или поделба на Косово, кои до неодамна не доаѓаа предвид а за кои сега секојдневно говорат српски, косовски и меѓународни претставници.
Станимир Светозаревиќ од раѓање живее во Славујевац, српско село во мнозинската албанска општина Прешево на југот на Србија, 385 километри од Белград. Во селото кое нема водоводна мрежа, автобуска линија и продавница, тој живее со семејството во тешки услови.
– Од социјална помош. Мислам дека половина село живее од социјална помош, вели Светозаревиќ за Радио Слободна Европа.
Слични проблеми на оддалеченост од околу 200 километри, во општината Звечан на северот од Косово, 50 километри од Приштина, има и Каплан Пеци. Тој живее во албанското село Жаж на подрачје каде мнозинство од населението се Срби.
Нив ги поврзува тоа што би можеле да ја променат државата во која што живеат, а при тоа да не се помрднат од своите места.
– Не, не, со Србија не. Само со Косово. Доста е тешко да го напуштиме нашето место. Овде биле нашите прадедовци, дедовци и татковци и сега сме ние тука, вели Пеци.
На сличен начин реагира и нашиот соговорник од југот на Србија Станимир Светозаревиќ.
– Јас не се плашам. Ќе останам овде. Не ви го велам тоа од некои национални убедувања. Се чувствувам Србин и тоа секогаш ќе бидам и ќе останам, вели тој.
Но, косовските и српските, исто како и меѓународните претставници сега секојдневно зборуваат за разграничувањето.
– Јас се залагам и тоа е мојата политика за разграничување со Албанците. Да се има територија за која не се знае кој како ја третира и што кому му припаѓа, секогаш ќе биде извор на потенцијални судири, порача на 9 август претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Истовремено, претставникот на албанската страна во преговорите меѓу Белград и Приштина, Хашим Тачи се залага за, како што вели, корекција на границата.
– Посветен сум на постигнување договор, а по барање на претставниците на Прешево, Медвеџа и Бујановац, предложив корекција на границата со Србија, вели Тачи.
Било да станува збор за поделба, размена или разграничување, се се тоа сценарија кои до неодамна не доаѓаа предвид, а доколку се остварат значително ќе влијаат на животите и на жителите на Жаж и Славујевац.
Водечките членки на ЕУ и натаму се противат на каква било корекција на границите на Балканот, стравувајќи дека тоа би можело да биде причина за нови судири. Од друга страна Вашингтон се залага за „флексибилност“ во преговорите.
Во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток на северот на Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година, има вкупно седум села каде мнозинство од населението се Албанци: Липа, Бољетин, Жаж, Бистрица, Церања, Кушутово и Чабра.
Назив Маљета, пензионер од селото Жаж, вели дека со стравување ги очекува настаните што би можеле да уследат.
– Предизвикана е една збунетост, некоја вознемиреност за населението што живее тука. Сега за сега состојбата е доста лоша, ризична. Ќе ја изгубиме територија. Тоа е малку болно кога човек живее на тоа место 50 години. Ќе изгубиме, а овде имаме земја. Имаме шума и имаме земја. Имаме и меѓа со Србите тука долу, вели Маљета.
На југот на Србија, пак, во Прешевската Долина живеат околу 100.000 луѓе. Во средина во која Албанците се мнозинство има и неколку села каде мнозинството се Срби – Сакановац, Свињиште, Љаник и Славујевац.
– Ако се промени границата ќе се однесуваме според наредбите, вели земјоделката Мира Цветковиќ, која ја прекинуваме во подготовка на компири за продажба на пазарот во Прешево.
Таа вели дека за неа напуштањето на домот не би било опција.
– Богами каде ќе се селиме? Овде направивме куќа и покуќнина. Каде ќе се селиме? Ако не се чепкаме со никого ни нас никој не не чепка. Ако се чепкаме и нас ќе не чепкаат, заклучува Мира Цветковиќ, жителка на селото Славујевац.
Ниту во селото Чабра во општина Зубин Поток мнозинското албанско население не размислува за преселување.
– Со добри соседи човек ќе ја постави меѓата така како што сака, вели Шериф Рама, кој живее од пензија. – Меѓата е меѓа ние не смееме да си играме со тоа, туку мораме силно да ја браниме. Гледаме што се случува, но никогаш нема да се согласиме со тоа. Ние сме компактно село, доста хомогено. Историски гледано од сите косовски села со српско население што се наоѓаат долж границата ние сме единствео село во Косово од кое Србите не се отселија, додава Рама.
Не е познато дали гласот на овие луѓе е земен предвид во преговорите во рамки на бриселскиот процес. Нивната судбина е во рацете на политичарите вклучени во преговорите со неизвесен исход.
– Како ќе биде – ќе биде. Не може да се побегне од тоа, вели жителот на Славујевац Вита Савиќ, кој се занимава со сточарство. – Треба да се реши некако да се живее. Јас немам никакви проблеми со нив (Албанците – н.з.). Јас слободно одам во Прешево и подобро разговарам со нив отколку со нашите. Јас мислам дека ќе се среди и дека ќе живееме, вели Савиќ.
На прашањето што значи тоа да се среди и да се живее тој одговара: „Да се живее некако заеднички“.
Следната рунда од дијалогот Белград – Приштина е закажана за почетокот на септември. Препуштени на тоа што би можело да се договори на највисоко ниво со посредство на бриселската администрација, на нашите соговорници од југот на Србија и од северно Косово им останува да очекуваат дали местата во кои живеат ќе останат на териториите на државите во кои сега се наоѓаат или евентуално со промена на границите ќе ја променат и државата.