Според Шаќири јавноста погрешно го разбрала кога рече дека нема пари за учебници

by Fokus

Министерот за образование, Јетон Шаќири, вели дека е погрешно интерпретирана неговата изјава дека Министерството нема пари за учебници. Министерот денеска објасни што сакал да каже. Тврди дека има пари за учебници за основно и средно образование, но проблем претставува стручното образование, бидејќи, како што вели, во овој дел имало промени и надополнувања.

-Изјавата што ја дадов е дека се надевам дека ќе има средства за сите предмети, а во рок и врз основа на усогласениот буџет што го имам. Обезбедени се буџетски средства за цело основно образование, за средно образование додека за стручното образованието за прв пат ќе биде дополнето, се надевам дека се ќе се реализира. Реков дека се надевам и сум на мислење дека навистина тековниот буџет не ги исполнува сите услови, но да се печати книга за сите предмети, покрај буџетските барања има и барања за одобрување бидејќи има многу насоки во стручното образование – вели Јетон Шаќири.

Шаќири вчера за Детектор на Сител изјави дека МОН реално нема пари за учебници по сите предмети во средното образование.

-Според податокот кој сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети. Реално, за средното образование немаме за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се надополнува – рече тој.

На три месеци пред завршување на учебната година, учениците се уште не ги добија учебниците по сите предмети. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат како е возможно МОН да нема средства за учебници кога располага со буџет од 450 милиони евра.

 

Поврзани новости