Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, им испрати порака на сите функционери дека МВР нема до толерира злоупотреби и криминал во јавниот сектор, алудирајќи на кривичната пријава поднесена против тетовчанка која мамела луѓе дека за пари, преку министерот, ќе ги вработи во државна администрација. Спасовски рече дека ова треба да биде јасна порака дека било каков облик на криминал ќе биде веднаш санкциониран.
-Ефикасно го решивме овој случај и ова е порака дека борбата против кримналот и корупцијата не е само декларативна туку ефикасна. Ги повикувам граѓаните доколку било кој се претставува во било чие име од државните функционери или доколку тоа го прави и некој носител на било каква функција, веднаш да пријават и да соработуваат со македонската полиција.Овој случај во Тетово треба да биде порака и до сите граѓани, меѓутоа и порака до сите функционери дека МВР нема да толерира никаков криминал – изјави министерот за време на неговата посета во комплетно опремените простории на новиот објект на Полициското одделение Јегуновце.
Оваа зграда беше изградена во 2015 година, меѓутоа не беше опремена. МВР го продолжи проектот за опремена полиција – безбедни граѓани.
-Ние направивме напори да ја опремиме целосно и токму затоа денеска ја правиме оваа промоција. Најважно од се е да имаме опремена полиција односно задоволни полицајци, за да имаме и безбедни граѓани и безбедна држава. Тоа е наш приоритет кој ќе го остваруваме во текот на целата 2018 година. Сите наши сили ќе ги насочиме кон реконструкција на постојните или градба на нови објекти, купување на опрема и подобрување на условите за работа на македонските полицајци- рече министерот Спасовски.
Објектот во Јегуновце е изграден и опремен со средства на МВР со вкупна вредност од 20.629.000 денари, а вкупната површина на објектот е 442 метри квадратни.
Во буџетот на МВР за 2018 година одвоени се 30 милиони денари со кои ќе бидат уредени и реконструрани полициските станици во државата, со цел да се обезбедат максимални услови за работа на полициските службеници.