Собранието на Венецуела усвои закон за „демократска транзиција“ и обнова на уставот, изјави опозицискиот лидер и претседател на Парламентот, Хуан Гуаидо.
– Законот со кој ќе се обезбеди транзиција кон демократијата и обнова на уставот на Боливарската Република Венецуела е едногласно усвоен во прво читање, напиша Гуаидо на Твитер.
Венецуела е во нова политичка криза откако Гуаидо пред една недела се прогласи за привремен претседател на државата.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, откако повеќе европски и јужномерикански држави го поддржаа Гуаидо, порача дека тоа е обид за државен удар во режија на САД.
Тој изјави за руската државна агенција РИА дека е подготвен да разговара со опозицијата. Меѓутоа, на тие разговори, како што рече, ќе се согласи само со независно меѓународно учество.
– Подготвен сум да седнам на преговарачка маса со опозицијата и да разговарам за доброто на Венецуела, нејзиниот мир и нејзината иднина, рече Мадуро за РИА.